Прејди на содржината

Сл. весник / РМ / 1998 / 31 - Закон за здруженија на граѓани и фондации

Од Викимедија Македонија
во сила 2010.04.16 #52 Закон за здруженија на граѓани и фондации
вон сила 1998.07.02 #31 Закон за здруженија на граѓани и фондации
вон сила СРМ 1983.xx.xx #32 Закон за општествени организации и здруженија на граѓани
вон сила СФРЈ 1990.xx.xx #42 Законот за здружувањето на граѓаните во здруженија, општествени организации и политички организации што се основаат за територијата на СФРЈ


Службен весник на Република Македонија бр. 31/1998 од 2 јули 1998 година

Врз основа на член 75 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија издаваат

Указ за прогласување на законот за здруженијата на граѓаните и фондациите

Општи одредби

[уреди]

Член 1

Со овој закон се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓани и фондациите.

Член 2

Граѓаните слободно можат да се здружуваат во здруженија на граѓани и да основаат фондации заради остварување и заштита на економски, социјални, културни, научни, стручни, технички, хуманитарни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и законот.

Здруженијата на граѓани и фондациите се непрофитни организации. Ако во работењето на здруженијата на граѓани и фондациите се оствари добивка, таа мора да биде употребена исклучително за поддржување и остварување на нивните цели и активности утврдени со статутот.

Член 3

Здруженијата на граѓани и фондациите не можат да вршат политички активности или да го користат својот имот и средства за остварување на цели на политичките партии. Како политичка активност во смисла на ставот 1 на овој член се подразбира директно учество во изборната кампања или собирање на средства за изборната кампања и финансирање на политичките партии.

Член 4

Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓани и фондациите не можат да бидат насочени кон:

  • насилно уривање на уставниот поредок на Републиката,
  • поттикнување или повикување на воена агресија и
  • разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Член 5

Здруженијата на граѓани и фондациите имаат статут.

Здруженијата на граѓани и фондациите се самостојни во организирањето и остварувањето на своите цели, интереси и активности утврдени со статутот.

Здруженијата на граѓани и фондациите своите права, должности и одговорности ги остваруваат согласно со Уставот, закон и статутот.

Член 6

Здруженијата на граѓани и фондациите се правни лица.

Здруженијата на граѓани и фондациите, како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување, стекнуваат својство на правно лице со денот на уписот во регистарот на здруженијата на граѓани и фондациите (во натамошниот текст: регистар).

Здруженијата на граѓани и фондациите не можат да се трансформираат во други видови на правни лица.

Член 7

Здруженијата на граѓани и фондациите одговараат за своите обврски со својот имот и средства.

Здруженијата на граѓани и фондациите не можат да вршат стопански дејности.

Здруженијата на граѓани и фондациите можат да основаат единствено друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва за остварување на нивните цели, интереси и активности и за финансирање на нивните функции утврдени со статутот.

Член 8

Здруженијата на граѓани и фондациите дејствуваат и се организираат врз територијален принцип.

Член 9

Работата на здруженијата на граѓани и фондациите е јавна.

Со статутот на здруженијата на граѓани и фондациите се определува начинот на обезбедување и остварување јавност во нивната работа.

Член 10

Секое здружение на граѓани и фондација има име.

Здруженијата на граѓани и фондациите можат да употребуваат и скратени ознаки на името доколку тоа е запишано во регистарот.

Името и скратената ознака на името на здружението на граѓани и фондацијата мора јасно да се разликува од имињата на другите здруженија на граѓани и фондации кои се запишани во регистарот.

Здруженијата на граѓани и фондациите чии интереси се повредени со неоправдано користење на нивното име, имаат право да бараат престанок на употребата на нивното име и да бараат надоместок за причинетата штета.

Член 11

Изразите кои означуваат име на државата, нејзините изведеници и нејзините кратенки, име на историски лица и места, можат да се стават како додатоци во името на здруженијата на граѓани и фондациите, само ако е дадено одобрување од Министерството за правда.

Член 12

На здружение на граѓани може да му се довери вршење на јавно овластување.

Јавното овластување го доверува соодветното министерство од областа во која дејствува здружението на граѓани, во согласност со закон.

Органот од ставот 2 на овој член при давањето на јавно овластување на здружението на граѓани ги зема предвид следниве општи критериуми:

  • природата и областа на активноста;
  • професионалните цели на здружението на граѓани;
  • потребата од активност на здружението на граѓани за пошироката јавност и користењето на нивните услуги;
  • соодветен организационен капацитет и
  • должината на искуството во областа во којашто дејствува.

На здружението на граѓани може да му биде одземено вршењето на јавното овластување, поради злоупотреба и необезбедување на негово вршење.

Член 13

Здружението на граѓани и фондацијата може да користи даночни и царински олеснувања во согласност со закон.

ЗДРУЖЕНИЈА НА ГРАЃАНИ

[уреди]

Основање на здруженија на граѓани

[уреди]

Член 14

Граѓаните можат да основаат здруженија на граѓани заради задоволување на своите лични и заеднички цели и интереси.

Член 15

За видот на здружувањето и внатрешната организација на здруженијата на граѓани одлучуваат граѓаните како основачи на основачко собрание.

За измена на видот на здружувањето и внатрешната организација на здруженијата одлучуваат членовите на здружението на граѓани на собрание.

Член 16

Основачи на здружение на граѓани можат да бидат само полнолетни граѓани државјани на Република Македонија.

Основачи на здруженија на граѓани не можат да бидат лица на кои со правосилна судска пресуда им е одземена деловната способност.

Член 17

Здружение на граѓани можат да основаат најмалку петмина полнолетни граѓани државјани на Република Македонија.

Член 18

Здружението на граѓани се основа на собрание на основачите на кои се донесува акт за основање програма, статут и се избираат неговите органи.

Член 19

Актот за основање на здружението на граѓани, особено содржи:

  • име, седиште и адреса на здружението на граѓани;
  • имиња, адреси и единствен матичен број на основачите;
  • цели и задачи и
  • име на овластеното лице кое ќе го претставува и застапува во правниот промет спрема трети лица во јавноста.

Член 20

Статутот на здружението на граѓани, особено содржи:

  • име и седиште на здружението на граѓани;
  • цели и задачи на здружението на граѓани, облици и начин на дејствување;
  • органи, начин на нивниот избор и оптоварување и нивниот меѓусебен однос;
  • траење на мандатот на органите и начинот на одлучување на членовите;
  • стекнување и располагање со имотот;
  • остварување на јавност во работата;
  • определување на услови за основање ограноци (организациони единици);
  • услови и начин на пристапување и исклучување од здружението на граѓани;
  • претставување и застапување во правниот промет и спрема трети лица;
  • престанок на здружението на граѓани;
  • постапување со имотот на здружението на граѓани во случај на престанок на здружението и
  • други прашања утврдени со закон.

Членување во здружение на граѓани

[уреди]

Член 21

Член на здружение на граѓани може да биде секој граѓанин државјанин на Република Македонија, кој доброволно ќе пристапи кон здружението на начин утврден со статутот.

Странски државјани можат да се зачленуваат во здруженија на граѓани на Република Македонија ако е предвидено во статутот.

Здруженијата на граѓани ја гарантираат анонимноста на личните податоци на членовите на здружението кои тоа го побарале.

Членовите на определени здруженија (здруженија на зависници од дрога, алкохол, тутун, заболени од определени болести) ја задржуваат својата анонимност.

Член 22

Зачленувањето во здружение на граѓани се врши со пристапница која при исклучување или престанок на членување во здружението, задолжително се враќа.

Здружението на граѓани за своите членови води регистар на членството, кој се ажурира еднаш годишно.

Здружението на граѓани во својот статут ги утврдува облиците и формите на колективното членување.

Секој член може доброволно да истапи од здружението на граѓани.

Условите и начинот за исклучување или за престанок на членувањето во здружението на граѓани се утврдува со статут.

Органи за здружението на граѓани

[уреди]

Член 23

Органи ни здружението на граѓани се:

  • собрание и
  • извршен орган.

Со статутот на здружението на граѓани можат да се предвидат и други органи.

Член 24

Собранието е највисоко тело на здружението на граѓани, кое го сочинуваат сите членови на здружението.

Со статутот на здружението на граѓани може да се предвиди собранието да биде составено од претставници на колективните членови, одделни ограноци или други организациони единици.

Собранието од ставот 2 на овој член се конституира од претставници чиј број, мандат, начин на избор и отповикување се определува со статутот на здружението на граѓани.

Член 25

Собранието на здружението на граѓани:

  • донесува статут, програма и други акти;
  • усвојува годишен извештај, насоки и план за работа;
  • усвојува завршна сметка и финансиски план;
  • одлучува за промена на целта на здружувањето;
  • одлучува за основање и укинување на ограноци и други облици на организирање на здружението;
  • одлучува за здружување или разделување од друго здружение и за зачленување во сојузи и меѓународни организации;
  • констатира прием на нови членови и престанок на членувањето;
  • избира органи на здружението;
  • одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство;
  • одлучува и за други прашања кои не се во надлежност на другите тела на здружението и
  • врши и други работи во согласност со статутот и општите акти на здружението на граѓани.

Член 26

Седница на собранието свикува претседателот на собранието.

Седница на собранието се свикува и по предлог на извршниот орган или на 1/5 од вкупниот број членови на собранието.

Ако претседателот на собранието во рок од 14 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува извршниот орган или иницијаторите.

Седница на собранието за работата на извршниот орган може да се свика и на предлог на органот од членот 63 на овој закон.

Начинот на свикување на седница се определува со статутот на здружението или деловникот за работа.

Член 27

Собранието може да работи ако на него присуствуваат повеќе од половината од вкупниот број членови, освен ако со статутот поинаку не е определено.

Собранието, по правило, одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните.

Со статутот поблиску се определуваат прашањата за кои е потребно квалификувано мнозинство за одлучување.

Член 28

На собранието се одлучува со јавно гласање, доколку со статутот не е предвидено за определени прашања да се одлучува тајно.

Секој член на собранието има право на еден глас.

Член 29

Собранието избира извршен орган во кој мнозинството од членовите се државјани на Република Македонија.

Член на извршниот орган се иззема од гласање за прашања поврзани со него, со неговиот брачен другар или роднина до втор степен и за прашања кои се однесуваат на некое правно лице врз кое тој има контрола или економски интерес.

Член 30

Извршниот орган:

  • ги подготвува седниците на собранието;
  • го подготвува нацртот на статутот и другите одлуки што треба да ги донесе собранието;
  • ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од собранието;
  • може да формира стручна служба и да врши контрола врз нејзината работа;
  • управува и одговара за управувањето со имотот на здружението;
  • подготвува годишен или периодичен извештај за својата работа и
  • врши и други работи.

Член 31

Со статутот може да се предвиди основање на стручни тела и служби, доколку тоа произлегува од потребите за остварување на целите на здружението.

Делокругот на работа на стручните тела и служби од ставот 1 на овој член се определува со статутот.

Фондации

[уреди]

Основање на фондација

[уреди]

Член 32

Фондацијата е имотна маса осамостоена како правно лице која е обезбедена од еден или повеќе основачи (донатори), заради постигнување на определени цели.

Фондацијата ги остварува целите, правата, интересите и уверувањата за кои е основана преку стекнување и управување со средства и имот.

Фондацијата може да се основа со парични средства во висина од најмалку 10.000,00 ДЕМ во денарска противвредност според средниот курс на валута утврден и објавен од Народната банка на Република Македонија на денот на поднесувањето на актот за упис во регистарот.

Член 33

Фондацијата се основа од еден или од повеќе основачи.

Фондацијата по правило се основа за неопределено време или на определено време додека не се постигне целта утврдена со статутот.

Како основачи на фондацијата можат да се јават физички и правни лица.

Фондацијата може да биде основана и преку тестамент или легат заверен пред нотар.

Тестаментот има карактер на акт за основање од членот 35 на овој закон.

Ако завештателот не определи извршител на тестаментот, извршителот го определува основниот суд.

Член 34

Кога основачи на фондацијата се повеќе лица, своите права ги остваруваат само заеднички, доколку поинаку не е предвидено во актот за основање на фондацијата.

Основачките права на основачите не се преносливи на нивните правни наследници.

Донаторите што се јавуваат по основањето на фондацијата не стекнуваат статус на основач.

Како основачи на фондацијата можат да се јават и странски правни и физички лица.

Одредбите за основање, регистрација и работа на фондацијата од овој закон ќе се применуваат и за странските фондации.

Член 35

Фондацијата се основа со акт за основање.

Актот за основање содржи:

  • име, седиште и адреса на фондацијата;
  • имиња, адреса и единствен матичен број на основачите;
  • целта за која фондацијата е основана;
  • парични средства или друг вид сопственост изразена во пари што се придонес на секој основач одделно и нивното потекло и
  • имињата на членовите на органите на фондацијата.

Актот за основање мора да е потпишан од сите основачи и да е заверен пред надлежен нотар.

Член 36

Се додека фондацијата не е запишана во регистарот на фондации, основачот може да укине или прифати измена на актот за основање или на статутот.

Ако фондацијата има повеќе од еден основач, актот за основање или статутот може да се укине или дополни, само со согласност на сите основачи.

Ако еден или неколку основачи се повлечат, другите основачи можат да го дополнат актот за основање или статутот само во рамките на утврдените цели на фондацијата.

Член 37

Фондацијата има статут.

Статутот на фондацијата особено содржи:

  • името и седиштето на фондацијата;
  • цел на фондацијата;
  • името и адресата на основачот;
  • постапката и начинот на користење на средствата на фондацијата;
  • можните корисници на средствата;
  • времето на траење, ако е основана за определен период;
  • постапката за избор и отповикување на членовите на органите на фондацијата и нивниот делокруг на работа;
  • органите и начинот за вршење на контрола над работата на фондацијата;
  • односите меѓу органите на фондацијата;
  • постапката за измена и дополнување на статутот;
  • условите под кои основачите имаат право да ја укинат фондацијата;
  • постапката за управување и располагање со имотот;
  • пренос на имотот на фондацијата во случај на престанок со работа и
  • други услови предвидени со закон.

Член 38

Секоја фондација може да се спои со друга фондација под услови утврдени со статутот на фондацијата.

Начинот за основање на нова фондација ќе се изврши според одредбите на овој закон.

Органи на фондацијата

[уреди]

Член 39

Орган на фондацијата е управниот одбор.

Со статутот на фондацијата можат да се предвидат и други органи.

Член 40

Управниот одбор ја претставува фондацијата и ги води нејзините работи.

Најмалку половина од членовите на управниот одбор мора да се државјани на Република Македонија.

Член на управниот одбор се иззема од гласање за прашања поврзани со него, со неговиот брачен другар, роднини до втор степен, и за прашања што се однесуваат на некое правно лице врз кое тој има контрола или економски интерес.

Член 41

Членовите на управниот одбор по правило не примаат паричен надоместок за нивната работа.

Членовите на управниот одбор можат да примаат паричен надоместок соодветен на нивните задолженија, ако тоа е предвидено со статутот и ако тоа го дозволува финансиската состојба на фондацијата.

Член 42

Членовите на управниот одбор, како и на другите органи на фондацијата, се одговорни за остварување на целите и задачите на фондацијата утврдени со статутот.

Членовите на управниот одбор, како и на другите органи на фондацијата, се одговорни за штета предизвикана од нивната работа или поради нејзино запоставување.

Членовите на управниот одбор, како и на другите органи на фондацијата во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член се одговорни и пред основачот.

Регистрација и престанок на здруженијата на граѓани и фондациите

[уреди]

Регистрација на здруженијата на граѓани и фондациите

[уреди]

Член 43

Здруженијата на граѓани и фондациите се запишуваат во регистар што го води основниот суд на чие подрачје се наоѓа нивното седиште.

Регистарот на здруженијата на граѓани и фондациите е јавен.

Постапката за регистрација и престанок на здруженијата на граѓани и фондациите се води според правилата на вонпроцесната постапка.

Образецот и начинот на водењето на регистарот на здруженијата на граѓани и фондациите го пропишува министерот за правда.

Член 44

Здруженијата на граѓани и фондациите се должни во рок од 30 дена од денот на донесувањето на актот за основање да поднесат пријава за упис во регистарот до основниот суд.

Со пријавата за упис во регистарот, се поднесува:

  • акт за основање;
  • статут на здружението на граѓани или фондацијата;
  • програмата за дејствување и
  • имиња на лицата овластени за застапување на здружението на граѓани или фондацијата.

Член 45

Основниот суд е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на пријавата за упис да донесе решение за упис во регистарот.

Заверен препис од решението за упис се доставува до подносителот на пријавата во рок од три дена од денот на донесувањето на решението.

Член 46

Решението за упис во регистарот содржи

  • датум на донесување на решението;
  • реден број;
  • име на здружението на граѓани или фондацијата;
  • кратка содржина на работата и активностите и
  • седиштето и територијата (подрачје) на дејствување.

Член 47

Ако судот утврди дека статутот не ги содржи елементите од членовите 20 и 37 на овој закон или ако утврди дека пријавата за упис во регистарот не е комплетна, ќе му укаже за тоа на подносителот на барањето и ќе му определи рок од 30 дена во кој е должен да постапи по укажувањето.

Доколку во определениот рок подносителот на барањето за регистрација не постапи по укажувањето, основниот суд со решение ќе го одбие барањето за упис во регистарот.

Судот нема да изврши упис во регистарот ако утврди дека целите и дејствувањето, актот за основање, статутот и програмата на здружението на граѓани и фондацијата не се во согласност со членовите 3 и 4 на овој закон.

Член 48

Против решението за одбивање на барањето за упис во регистарот од членот 47 ставови 2 и 3 на овој закон, основачот на здружението на граѓани и фондацијата има право да поднесе жалба до апелациониот суд во рок од 15 дена од приемот на решението.

Член 49

Здруженијата на граѓани и фондациите кои извршиле измени и дополнувања на актот за основање или статутот се должни во рок од 30 дена да поднесат барање до основниот суд за запишување на измените и дополнувањата во регистарот.

Со барањето се доставува одлуката за изменување и дополнување на актот за основање или статутот, записник од седницата и примерок од новите акти.

Ако измените и дополнувањата се однесуваат на податоците кои се запишани во регистарот, основниот суд по барањето одлучува со решение.

Член 50

Податоците запишани во судскиот регистар се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”.

Објавувањето е на трошок на субјектот на уписот.

Член 51

Врз основа на податоците добиени од надлежните судови за регистрација, Основниот суд Скопје И води Единствен регистар на регистрираните здруженија на граѓани и фондации во Републиката.

Престанок на здруженијата на граѓани и фондациите

[уреди]

Член 52

Здружението на граѓани престанува:

  • ако е донесена одлука на собранието на здружението на граѓани со двотретинско мнозинство;
  • ако бројот на членовите на здружението на граѓани се намали под бројот определен за основање;
  • ако Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука дека програмата и статутот на здружението на граѓани не се во согласност со Уставот;
  • ако се утврди дека здружението на граѓани престанало со работа и
  • во други случаи определени со закон.

Лицето кое го застапува здружението на граѓани е должно за околностите од ставот 1 од овој член да го извести основниот суд во рок од 15 дена по нивното настанување.

Престанокот на здружението на граѓани го утврдува основниот суд со решение според правилата на вонпроцесната постапка.

Член 53

По престанокот на работата на здружението на граѓани имотот и средствата што остануваат по намирување на обврските се користат на начин утврден со статутот на здружението на граѓани.

Во случаи во кои не можат да се исполнат условите утврдени со статутот за начинот на користење на имотот и средствата што остануваат по намирување на обврските со престанокот на здружението на граѓани, имотот и средствата преминуваат во здружение на граѓани кое ќе го определи соодветното министерство.

Против решението од став 2 на овој член може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија.

Член 54

Фондацијата престанува:

  • ако се утврди дека престанала со работа;
  • ако средствата не се доволни за остварување на нејзините цели;
  • ако го изгуби својот имот;
  • ако целта за која е формирана е исполнета или не може да се исполни;
  • ако и истекува определеното време, кога е основана за определено време;
  • со стечај,
  • со одлука на основачот во случај тоа право да било загарантирано со статутот;
  • со одлука на управниот одбор и
  • во други случаи определени со закон.

Лицето кое ја застапува фондацијата е должно за околностите од ставот 1 на овој член да го извести основниот суд во рок од 15 дена по нивното настанување.

Престанокот на фондацијата го утврдува основниот суд со решение според правилата на вонпроцесната постапка.

Член 55

По престанок на работата на фондацијата депонираните средства што остануваат по намирување на побарувањата, се распределуваат меѓу лицата кои се овластени за тоа во согласност со статутот.

Ако фондацијата е распуштена со одлука на основачот кој е физичко лице, имотот и средствата што остануваат по распуштањето се пренесуваат на фондација која има слични цели.

Во случаи во кои не можат да се исполнат условите утврдени во статутот за начинот на распределбата на средствата што остануваат по намирување на побарувањата со престанокот на функцијата, средствата се пренесуваат на здружение на граѓани кое ќе го определи соодветното министерство.

Против решението од ставот 3 на овој член може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија.

Член 56

Здруженијата на граѓани и фондациите престануваат, и:

  • ако работата спротивно на одредбите од членовите 3 и 4 на овој закон и
  • ако работењето на здруженијата на граѓани и фондациите не е во согласност со нивниот статут.

Секој може да даде иницијатива за престанок на здружението на граѓани и фондацијата ако основано се сомнева дека остварува активност од ставот 1 на овој член.

Член 57

Решение за престанок на здружението на граѓани и фондацијата од членот 56 на овој закон донесува основниот суд на чие подрачје здружението на граѓани и фондацијата има седиште.

Член 58

Постапката пред основниот суд во случаите од членовите 3 и 4 на овој закон, се покренува по предлог на основниот јавен обвинител.

Постапката пред основниот суд се води според правилата на процесната постапка доколку со одредбите на овој закон поинаку не е определено.

Расправата пред судот се одржува во присуство на подносителот на предлогот и застапникот на здружението на граѓани и фондацијата.

Постапката за престанок на здружението на граѓани и фондацијата е итна.

Член 59

Против решението на основниот суд за престанок на здружението на граѓани и фондацијата, незадоволната странка може да поднесе жалба преку основниот суд до апелациониот суд во рок од осум дена од денот на приемот на решението.

Навремената и дозволена жалба, основниот суд ја доставува до апелациониот суд во рок од три дена од денот на приемот на жалбата.

Апелациониот суд по сопствена оцена може да ги повика странките со цел да ги сослуша и да прибави дополнителни докази.

Апелациониот суд по жалбата одлучува во рок од три дена од приемот на жалбата.

Против правосилното решение дозволена е заштита на законитоста, која ја поднесува јавниот обвинител.

Член 60

Врз основа на решението од членовите 52, 54 и 57 на овој закон, здружението на граѓани и фондацијата се бришат од судскиот регистар.

Податоците за бришењето се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”.

Средства на здруженијата на граѓани и фондациите

[уреди]

Член 61

Здруженијата на граѓани и фондациите можат да стекнуваат предмети, парични средства и имотни права.

Здруженијата на граѓани и фондациите средствата ги стекнуваат од членарина, прилози, донации, подароци и слично и со нив располагаат во согласност со статутот и со закон.

Здруженијата на граѓани и фондациите можат да остваруваат приходи и од добивката на трговските друштва што ги основале со средства на здружението и од други извори.

Здруженијата на граѓани и фондациите можат да добиваат средства од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на Град Скопје.

Средствата од ставот 4 на овој член се добиваат врз основа на претходно изготвени програми (проекти) од здруженијата на граѓани или фондациите кои ќе бидат одобрени од Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на Град Скопје, во согласност со закон.

Член 62

Средствата што здруженијата на граѓани и фондациите ги стекнуваат согласно со членот 61 на овој закон се нивна сопственост.

Член 63

Со статутот на здруженијата на граѓани и фондациите се утврдува органот кој врши контрола за наменско користење и располагање со средствата и приходите на здруженијата на граѓани и фондациите.

Органот од ставот 1 на овој член е составен од членови, лица на здруженијата на граѓани и фондациите кои се избираат на начин предвиден со статутот.

Секој член има право да бара да изврши увид во користењето на средствата и приходите на здруженијата на граѓани и фондациите на начин утврден со статутот.

Член 64

Фондацијата ги употребува своите средства (приходи) исклучително за остварување на статутарните цели.

Член 65

Корисник е лице на кое му се даваат средства од сопственоста на фондацијата.

Доколку со статутот на фондацијата не се точно определени корисниците, како корисници се сметаат сите лица во согласност со статутарните цели на фондацијата.

Основачите, членовите на управниот одбор или советот, вработените лица во фондацијата можат да се јават како корисници доколку тоа е во согласност со целите на фондацијата и статутот и доколку за тоа се изјасниле две третини од членовите на управниот одбор.

Здруженија на странци, странски и меѓунардони невладини организации

[уреди]

Здруженија на странци

[уреди]

Член 66

Странците кои имаат постојан престој или привремено престојуваат подолго од една година на територијата на Република Македонија, можат да основаат здруженија на странци под услови утврдени со овој закон.

Одобрение за основање на здружение на странци од ставот 1 на овој член, дава основниот суд на чие подрачје здружението на странци има седиште по претходно прибавено мислење од Министерството за надворешни работи.

Член 67

Основање на здружение на странци може да се одобри по барање од најмалку петмина полнолетни странци.

Основање на здружение на странци може да се одобри само за унапредување на научни, спортски, културни, хуманитарни и социјални цели.

Член 68

Во постапката за регистрација и престанок на здруженијата на странци се применуваат одредбите од овој закон, за регистрација и престанок на здруженијата на граѓани.

За здруженијата на странци основниот суд води посебен регистар.

Странски и меѓународни невладини организации

[уреди]

Член 69

На територијата на Република Македонија можат да се основаат и да дејствуваат странски и меѓународни невладини организации, фондации, сојузи и нивни подружници кои се непрофитни (во натамошниот текст: странски организации).

На територијата на Република Македонија можат да се основаат и да дејствуваат и други организации кои се исклучително финансирани од билатерални и мултилатерални договори за да се вклучат во развојните проекти на Република Македонија.

Дејноста на странските организации не смее да биде во несогласност со Уставот, законите на Република Македонија и меѓународните договори кон Република Македонија ги склучила или им пристапила.

Член 70

Странските организации се запишуваат во регистарот на странски организации што го води основниот суд, по претходно прибавено мислење од Министерството за надворешни работи.

Член 71

Барањето за упис во регистарот на странска организација со седиште на територијата на Република Македонија, потребно е да ги содржи сите податоци и документи пропишани во членот 44 на овој закон.

Со барањето за упис во регистарот на странската организација треба да достави податоци од регистарот во земјата каде што е регистрирана.

Ако на територијата на Република Македонија се формира подружница на странска организација, со барањето за упис во регистарот треба да се приложи и извод од основниот акт (правилата) од кој се гледа дека странската организација има статус на правно лице и да се наведе седиштето на таа подружница.

Одредбите од овој закон соодветно се применуваат и на странските организации.

Соработка и здружување на здруженијата на граѓани и фондациите

[уреди]

Член 72

Здруженијата на граѓани и фондациите можат меѓусебно да се поврзуваат или здружуваат во сојузи или во други облици на поврзување или здружување, за заедничко унапредување на својата работа и активности, за усогласување на посебните и заедничките интереси во областа за која се основани, како и за остварување на други прашања од заеднички интерес.

Сојузите и другите облици на поврзување или здружување на здруженијата на граѓани и фондациите можат да соработуваат и да се зачленуваат или поврзуваат во меѓународни организации, ако тоа не е во несогласност со Уставот и закон и ако е предвидено со статутот.

Здруженијата на граѓани и фондациите се должни зачленувањето или поврзувањето во меѓународни организации да го запишат во регистарот, најдоцна 30 дена од денот на зачленувањето или поврзувањето.

Казнени одредби

[уреди]

Член 73

Со парична казна од 100.000,00 до 200.000,00 денари ќе се казни за прекршок здружение на граѓани и фондација ако го користи својот имот и средства спротивно на членовите 3 и 7 став 2 на овој закон.

За прекршокот од став 1 на овој член на правното лице ќе му се изрече и мерка на безбедност забрана на вршење на дејноста за период од една до пет години.

Член 74

Со парична казна од 20.000,00 до 80.000,00 денари ќе се казни за прекршок здружение на граѓани, здружение на странци и фондација ако:

  • започне со работа пред да биде запишано во регистарот (член 6 став 2);
  • во предвидениот рок не поднело барање до основниот суд за запишување на измените и дополнувањата на актот за основање или статутот (член 49

став 1) и

  • ако во рок од 30 дена не го извести основниот суд за поврзување или зачленување во сојуз или меѓународна организација (член 72 став 3).

Член 75

Со парична казна од 10.000,00 до 25.000,00 денари ќе се казни за прекршок лицето кое го застапува здружението на граѓани и фондацијата ако во рок од 15 дена од денот на настанување на околностите за престанок од членовите 52 став 2 и 54 став 2 на овој закон не ги извести основниот суд.

Преодни и завршни одредби

[уреди]

Член 76

Постојните општествени организации, здруженија на граѓани, здруженија на странци и странски меѓународни невладини организации, фондации, сојузи и нивните подружници се должни своите програми и статути да ги усогласат со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила и да се запишат во регистарот на здруженијата на граѓани и фондациите.

Член 77

Основниот суд ќе изврши упис на постојните општествени организации, здруженија на граѓани, здруженија на странци и странски меѓународни невладини организации, фондации, сојузи и нивните подружници кои се регистрирани според одредбите на Законот за општествени организации и здруженија на граѓани, во регистарот ако ги исполнат условите утврдени со овој закон.

Ако името на две или повеќе здруженија на граѓани се повторува со исти знаци и зборови, постојното име го задржува здружението на граѓани кое е прво запишано во регистарот на општествените организации и здружение на граѓани.

Член 78

Доколку по истекот на рокот од членот 76 на овој закон општествените организации, здруженија на граѓани, здруженија на странци и странски меѓународни невладини организации, фондации, сојузи и нивните придружници не бидат запишани во регистарот на здруженијата на граѓани и фондациите, престануваат со работа и ќе се избришат од регистарот што го води органот на управата надлежен за внатрешни работи.

Член 79

Постапката за регистрација на здруженија на граѓани, здруженија на странци и странски меѓународни невладини организации, фондации, сојузи и нивни подружници, која на денот на влегувањето во сила на овој закон не е завршена ќе заврши според одредбите на овој закон.

Член 80

Министерот за правда прописите од членот 43 став 4 на овој закон ќе ги донесе во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 81

Имотот на општествените организации и здруженија на граѓани стекнат од сопствени средства е имот на здруженија на граѓани и нивните правни следбеници.

Под сопствени средства од ставот 1 на овој член се подразбираат средствата од членарини, донации, поклони, легати, приходи добиени од поранешните општествено- политички заедници, самоуправни интересни заедници и од Лотарија на Македонија за редовни активности.

Член 82

Имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани добиен на користење од страна на поранешните општествено- политички заедници и самоуправни интересни заедници се државна сопственост.

Член 83

Здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп, доколку се користи за целите и задачите на здружението на граѓани.

Здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија формирани за хуманитарни цели ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп без надомест, доколку тој се користи на целите и задачите на здружението на граѓани.

Закупниот однос меѓу здружението на граѓани и државата се уредува со договор.

Договорот за закуп во името на државата го склучува органот на управата определен со закон.

Член 84

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат Законот за општествени организации и здруженија на граѓани (“Службен весник на СРМ” број 32/83 и 12/90) и Законот за здружувањето на граѓаните во здруженија, општествени организации и политички организации што се основаат за територијата на СФРЈ (“Службен лист на СФРЈ” број 42/90).

Член 85

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.