Сл. весник / РМ / 2010 / 16 - Закон за здруженија на граѓани и фондации
2010.04.16 #52 Закон за здруженија на граѓани и фондации | |
1998.07.02 #31 Закон за здруженија на граѓани и фондации
| |
СРМ 1983.xx.xx #32 Закон за општествени организации и здруженија на граѓани
| |
СФРЈ 1990.xx.xx #42 Законот за здружувањето на граѓаните во здруженија, општествени организации и политички организации што се основаат за територијата на СФРЈ |
I.
ОПШТИ ОДРЕДБИ
[уреди]Предмет на законот
[уреди]Член 1
Со овој закон се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес.
Член 2
Одредбите на овој закон не се однесуваат на политичките партии, црквите, верските заедници и религиозните групи, синдикатите, коморите и други видови на здружување уредени со посебни закони.
Значење на изразите употребени во овој закон
[уреди]Член 3
Одделните изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1. „Организација” е секое здружение, фондација, сојуз, како и секој организационен облик на странска организација, како и друга форма на здружување, регистрирани согласно со одредбите на овој закон;
2. „Дејност” е активност класифициранa според националната класификација на дејности со која организациите ги остваруваат своите цели утврдени со статутот;
3. „Акт за основање” е актот со кој се основа организациjaта;
4. „Имот” на организација се сите сопственички и други стварни права што организацијата ги стекнува над движните и недвижните ствари и правата кои основачите ги вложиле во организацијата и кои организацијата ги стекнала со своето работење;
5. „Статут” е акт со кој се уредува дејноста, организационата поставеност и функционирањето на организацијата;
6. „Статусни измени” означуваат присоединување, спојување и поделба на организацијата на начин и под услови определени со овој закон;
7. „Други акти” се акти со кои се уредуваат односите што не се уредени со актот за основање или со статутот (правилник, одлука, деловник, програма и други акти);
8. „Орган за надзор” е органот (надзорен одбор, комисија за ревизија или контролор) чии работи се поврзани со надзорот над работењето на организацијата;
9. „Имотна маса“ се пари, ствари и/или права кои основачот ги отстапува и пренесува на фондацијата во постапката на основање;
10. „Застапник” е лице или орган во организацијата (застапник на здружение, директор на фондација, или орган определен со статут), чии права, овластувања и одговорности се поврзани со раководењето на организацијата и застапувањето на организацијата во согласност со закон;
11. „Одлучување без присуство” е начин преку кој членовите на органите се изјаснуваат, без одржување седница на органот или без прусуство на член на органот, а преку телефонска конференција, потпишување на актот или на друг начин уреден со статутот на организацијата;
12. „Заверена изјава/согласност” е акт чиј потпис е заверен кај нотар;
13. „Лице” е секое физичко и правно лице, освен ако не е нагласено дека е физичко лице или дека е правно лице;
14. „Странска организација“, во смисла на овој закон, е странско или меѓународно здружение, фондација или друг облик на организација основана за остварување на заедничка цел која не е за стекнување добивка и е основана во согласност со правниот систем на странската држава;
15. „Странско физичко лице“ е лице кое има живеалиште или престојувалиште во Република Македонија;
16. „Организација со статус од јавен интерес” е организација која се стекнала со статус на организација од јавен интерес во согласност со овој закон;
17. „Судир на интереси“ подразбира судир на овластувањата и должностите во врска со работењето на организацијата со приватниот интерес на лицето кое има овластувања и должности, во кои приватниот интерес влијае или може да влијае врз вршењето на овластувањата и должностите во врска со работењето на организацијата и
18. „Цел” на организацијата е проектиран резултат или состојба која организацијата треба да ја постигне.
Право на здружување
[уреди]Член 4
(1) Правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.
(2) Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.
Здружување на организации
[уреди]Член 5
(1) Две или повеќе организации можат да се здружуваат во сојуз или друга форма на здружување, која може да стекне својство на правно лице, со регистрација во согласнот со овој закон.
(2) Организациите можат да членуваат во меѓународни организации или на друг начин да соработуваат со нив.
(3) Организациите кои се здружуваат во сојуз или друга форма на здружување, со здружувањето не го губат својството на правно лице.
Стекнување својство на правно лице (правен субјективитет)
[уреди]Член 6
(1) Организациите се стекнуваат со својство на правно лице со уписот во регистарот што го води Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: Регистарот).
(2) Здруженијата и фондациите не можат да се трансформираат во други видови на правни лица.
Време на дејствување на организацијата и олеснување
[уреди]Член 7
(1) Ако со актот за основање, односно со статутот на организацијата не е определено времето на траење на организацијата, се смета дека организацијата е основана на неопределено време.
(2) Организациите имаат даночни и царински олеснувања во согласност со закон.
Име на организацијата
[уреди]Член 8
(1) Секоја организација регистрирана според одредбите на овој закон има име и скратено име ако тоа е предвидено со статутот и е запишано во Регистарот.
(2) Името и скратеното име на организацијата јасно се разликуваат од имињата на другите организации кои се запишани во Регистарот.
(3) Во името на:
- здружението е содржан зборот здружение или друг израз со слично значење определен со статутот на здружението,
- сојузот е содржан зборот сојуз или друг израз со слично значење определен со статутот на сојузот и
- фондацијата е содржан зборот фондација или друг израз со слично значење определен со статутот на фондацијата.
(4) За прашањата за името кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво.
Употреба на зборот Македонија или име на единица на локалната самоуправа
[уреди]Член 9
(1) Зборот Македонија и зборовите изведени од него како и неговите кратенки, може да се содржани во името на организацијата само со одобрение на Министерството за правда.
(2) Ако во името на организацијата се содржани зборови со името на општината, односно градот Скопје, одобрение дава надлежниот орган на општината, на општините во градот Скопје и градот Скопје.
II.
ОСНОВНИ НАЧЕЛА
[уреди]Независност
[уреди]Член 10
Организациите се независни во управувањето, определувањето и остварувањето на целите и дејностите утврдени со нивниот статут во согласност со Уставот и закон.
Јавност и транспарентност
[уреди]Член 11
(1) Работата на организацијата е јавна.
(2) Јавноста на работењето на организацијата се остварува преку транспарентно објавување на статутите и другите акти на организацијата во согласност со статутот на организацијата.
Непрофитност
[уреди]Член 12
(1) Организациите не можат да се основаат за стекнување со добивка.
(2) Организациите можат да вршат дејности со кои може да стекнат добивка, ако дејноста е поврзана со целите утврдени со статутот.
(3) Ако во работењето на организациите се оствари добивка таа мора да биде употребена за остварување на целите утврдени со статутот.
(4) Остварената добивка од ставот (3) на овој член не може да се распределува меѓу основачите, членовите, членовите на органите, директорите, вработените или кое било друго со нив поврзано лице.
Непартиско дејствување
[уреди]Член 13
(1) Организациите не можат да вршат активности на политичка партија, односно не можат да обезбедуваат директно или индиректно финансирање на конкретна политичка партија и да влијаат на изборите.
(2) Како влијание на избори во смисла на ставот (1) на овој член се подразбира учество на организациите во избори и изборна кампања за одредена политичка партија и директно или индиректно финансирање на изборна кампања на политичката партија.
Иницијативи во јавниот живот
[уреди]Член 14
Организациите можат слободно да ги искажуваат и промовираат своите ставови и мислења за прашања од нивен интерес, да поведуваат иницијативи и да учествуваат во градење на јавно мислење и креирањето на политиките.
ЗДРУЖЕНИЈА
[уреди]Основачи
[уреди]Член 15
(1) Здружение можат да основаат физички и правни лица.
(2) Здружение можат да основаат најмалку пет основачи од кои тројца од основачите мора да имаат живеалиште или престојувалиште, односно седиште на територијата на Република Македонија.
(3) Здружение на граѓани може да основаат малолетни лица со навршена 15 - годишна возраст преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон.
Основање
[уреди]Член 16
(1) Здружението се основа на основачко собрание.
(2) На основачкото собрание се донесува акт за основање, програма, статут и се избираат органите на здружението. 3. Акт за основање
Член 17
(1) Актот за основање на здружението содржи:
- име, седиште и адреса на здружението,
- име, адреса или седиште и единствен матичен број на основачите на здружението и
- цели на здружението.
(2) Актот за основање или негов дел може да се менува, ако за тоа има изречено волја на основачите додека трае процесот на регистрација.
Статут и содржина на статутот
[уреди]Член 18
(1) Здружението има статут.
(2) Со статутот на здружението се уредуваат:
- името и седиштето,
- целите на здружението,
- дејностите со кои се остваруваат целите,
- начинот на одлучување за зачленување, исклучување и престанок на членувањето во здружението,
- правата, обврските и одговорностите на членовите,
- видот на органите и нивниот состав, начинот на избор и разрешување, траење на мандатот на членовите во органите и начинот на одлучување,
- застапувањето по закон,
- начинот на стекнување и располагање со средствата,
- начинот на донесување на финансиски и други извештаи,
- начинот на остварување на јавност и отчетност во работата,
- начинот на донесување, изменување и дополнување на статутот,
- начинот на одлучување за статусни промени и престанок на здружението,
- начинот на донесување на планови и програми,
- постапувањето со средствата и/или имотот во случај на престанок на здружението и
- други прашања утврдени со закон.
(3) Со статутот на здружението можат да се уредат и:
- знакот и симболот на здружението,
- внатрешните организациони форми (подружници, ограноци и слично), ако ги има,
- начинот на донесување на другите акти,
- судир на интереси,
- начин на разрешување на спорни прашања и
- други прашања од значење за работата на здружението.
Членување во здружение
[уреди]Член 19
(1) Членувањето во здружението е доброволно.
(2) Основачите се членови на здружението со еднакви права и одговорности, како и другите членови на здружението.
(3) Физичко лице може да биде член на здружението независно од неговата возраст во согласност со статутот.
(4) Малолетно лице со наполнети 14 години се зачленува во здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон.
(5) Лицата со ограничена деловна способност или лицата на кои им е одземена деловната способност можат да бидат членови на здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон.
Регистар на членови
[уреди]Член 20
(1) Здружението води регистар на членови и евиденција на членовите на органите.
(2) Пoдатоците од ставот (1) на овој член се ажурираат најмалку еднаш на две години.
(3) Здруженијата ја гарантираат анонимноста на личните податоци на членовите кои тоа го побарале.
(4) Податоците од ставот (1) на овој член се заштитени во согласност со прописите за заштита на личните податоци и класифицирани информации.
Управување на здружението
[уреди]Член 21
Со здружението управуваат членовите непосредно претставници во органите на здружението. или преку избраните
Собрание на здружението
[уреди]Член 22
(1) Собранието е највисок орган на здружението и го сочинуваат сите членови.
(2) Со статутот може да се определи начинот на претставување на членовите на здружението во собранието на здружението, преку свои избрани претставници.
Надлежност на собранието
[уреди]Член 23
Собранието:
- донесува статут, програма и други акти,
- усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај и го објавува на својата веб страница,
- доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа, односно до органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во случаите кога користи средства од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа,
- одлучува за промена на целта на здружението,
- одлучува за внатрешната организација и организационите форми на органите на здружението,
- избира и разрешува членови на органите,
- одлучува за статусните измени на здружението,
- одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство гласови од сите членови на здружението и
- врши и други работи во согласност со статутот и актите на здружението.
Работа на собранието
[уреди]Член 24
(1) Собранието работи на седници.
(2) Собранието, по правило, одржува седница најмалку еднаш годишно, а со статутот на здружението може да се определи и рок пократок од една година за одржување на седница.
(3) Вонредна седница на собранието може да се одржи по писмено барање од една третина од членовите на здружението.
(4) Вонредната седница на собранието од ставот (3) на овој член се одржува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за одржување.
(5) Начинот на свикување на собранието, работата и донесувањето на одлуките и одлучувањето без присуство, се уредуваат со статутот на здружението.
Застапник на здружението
[уреди]Член 25
(1) Здружението има едно или повеќе лица овластени за застапување на здружението (во натамошниот текст: застапник) избран, односно именуван на начин утврден со статутот.
(2) Застапник на здружението може да биде деловно способно физичко лице кое има живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија во согласност со закон.
(3) Правата и обврските застапникот на здружението ги врши во согласност со закон, статутот и актите на здружението.
Други органи на здружението
[уреди]Член 26
Со статутот на здружението може да се предвидат и други органи на здружението.
ФОНДАЦИИ
[уреди]Основање
[уреди]Член 27
(1) Фондацијата е правно лице формирана за остварување на цел со стекнување и управување на имот и средства во согласност со овој закон.
(2) Фондацијата се основа со имотна маса која изнесува најмалку 10.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија, изразена во пари, хартии од вредност или друг имот на денот на поднесувањето на актот за запишување во Регистарот.
(3) Ако регистрацијата на фондацијата е утврдена со тестамент, а таа не е регистрирана во рок од 60 дена, имотната маса се распределува согласно со закон.
Основачи на фондација
[уреди]Член 28
(1) Фондацијата ја основаат еден или повеќе основачи.
(2) Како основачи на фондацијата можат да се јават физички и правни лица.
(3) Фондацијата се основа со акт за основање или како последна волја изјавена со тестамент или легат. 3. Акт за основање
Член 29
(1) Актот за основање на фондацијата содржи:
- име и седиште на фондацијата,
- име, адреса или седиште и единствен матичен број на граѓанинот или единствен матичен број на основачот на фондацијата,
- цели на фондацијата и
- висина на имотната маса со која се основа фондацијата изразена во пари за секој основач одделно.
(2) Актот за основање може да содржи и други одредби за основање и дејствување на фондацијата, како и за правото на основачот да одлучува за промена на целта, името, начинот на донесување изменување и дополнување на статутот и престанокот на фондацијата.
(3) Актот за основање се потпишува од основачите.
Учество во управувањето
[уреди]Член 30
Начинот на учеството на основачот во управувањето со фондацијата се уредуваат со статутот на фондацијата.
Статут и содржина на статутот
[уреди]Член 31
(1) Фондацијата има статут.
(2) Со статутот се уредуваат:
- името и седиштето на фондацијата,
- целите на фондацијата,
- дејноста со која се остваруваат целите на фондацијата,
- внатрешната организација, видот и составот на органите, надлежностите, начинот на избор и разрешување на членовите на органите, траење на мандатот на членовите на органите и начинот на одлучување,
- законското застапување,
- начин на стекнување и располагање со средствата,
- начин за донесување на деловни, финансиски и други извештаи,
- начинот на остварување на јавност и транспарентност во работата,
- начинот на донесување, изменување и дополнување на статутот,
- начинот на одлучување за статусни измени и престанок на фондацијата,
- постапувањето со средствата на фондацијата во случај на престанок на фондацијата,
- начинот на донесување на планови и програми и
- други прашања утврдени со закон.
(3) Со статутот на фондацијата може да се уреди и:
- знакот и симболот на фондацијата,
- внатрешните организациони форми на фондацијата (подружници, ограноци и слично), ако ги има фондацијата,
- начинот на донесување на другите акти,
- судирот на интереси и
- други прашања од значење за работа и начин на разрешување на спорни прашања на фондацијата.
Лице одговорно за одобрување на статутот
[уреди]Член 32
(1) Статутот е составен и одобрен во согласност со основачите, ако со актот за основање поинаку не е определено.
(2) Ако фондацијата е основана со изјава согласно со членот 28 став (3) од овој закон, статутот го составува извршителот на тестаментот, односно легатот, освен ако со последната изјава на волја поинаку не е утврдено.
Органи на фондацијата
[уреди]Член 33
(1) Фондацијата има одбор и директор.
(2) Со статутот на фондацијата можат да се предвидат и други органи.
Одбор на фондацијата
[уреди]Член 34
(1) Одборот е највисок орган на управување на фондацијата.
(2) Основачот при основањето на фондацијата го именува одборот на фондацијата, освен ако со актот за основање или статутот поинаку не е определено.
(3) Одборот на фондацијата работи на начин утврден со статутот на фондацијата.
Надлежност на одборот
[уреди]Член 35
(1) Одборот на фондацијата:
- донесува статут, програма и други акти;
- усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај и го објавува на својата веб страница,
- доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа, односно органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во случаите кога користи средства од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа,
- одлучува за промена на целта на фондацијата,
- одлучува за внатрешната организација и организационите форми на фондацијата,
- избира и разрешува членови на органите,
- одлучува за статусни измени на фондацијата,
- одлучува за престанок на фондацијата и
- врши и други работи во согласност со статутот и актите на фондацијата.
(2) Одборот на фондацијата ги има правата од ставот (1) на овој член, ако со актот за основање или со статутот на фондацијата основачот не ги задржал за себе овие права.
Раководење со фондацијата
[уреди]Член 36
(1) Со фондацијата раководи директор.
(2) Фондацијата може да има еден или повеќе директори овластени за застапување на фондацијата, избрани на начин утврден со статутот.
(3) Директор може да биде деловно способно физичко лице кое има живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија.
(4) Директорот своите права, обврски и одговорности ги врши во согласност со овој закон, статутот и актите на фондацијата.
ОРГАНИЗАЦИОНИ ОБЛИЦИ НА СТРАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ
[уреди]Странско лице и странски организации
[уреди]Член 37
(1) Како основачи и членови на организација согласно со овој закон можат да бидат и странски лица.
(2) Лицата од ставот (1) на овој член ги имаат истите права и обврски, како и домашните лица, освен ако со закон поинаку не е определено.
Странска организација
[уреди]Член 38
(1) Странските организации можат да дејствуваат во Република Македонија преку подружница, канцеларија или друг организационен облик на странските организации кои имаат седиште на територијата на Република Македонија.
(2) Во Република Македонија странските организации работат во согласност со одредбите на овој закон, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е уредено.
Акт за основање
[уреди]Член 39
(1) Организационите облици на странските организациии се основаат со акт на странската организација за нејзино основање во Република Македонија.
(2) Актот од ставот (1) на овој член содржи:
- име и седиште на странската организација која основа организационен облик,
- целта на странската организација и целта на организациониот облик на странската организација и
- име и седиште на организациониот облик на странската организација.
(3) Актот од ставот (1) на овој член го потпишува овластено лице на странската организација и се заверува пред нотар.
VI.
РЕГИСТРАЦИЈА
[уреди]Регистри
[уреди]Член 40
(1) Регистарот води:
- регистар на здруженија и регистар на сојузи,
- регистар на фондации и
- регистар на организациони облици на странските организации.
(2) Регистрите од ставот (1) на овој член се водат во пишан облик и како единствена централна електронска база на податоци кои се објавуваат на веб страницата на Регистарот и се запишуваат во Регистарот на други правни лица.
(3) Формата, содржината и начинот на запишување и водење на регистрите од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за правда.
Содржина на регистрите
[уреди]Член 41
(1) Во регистрите се запишуваат:
- полното име на организацијата и скратеното име ако го има,
- седиштето,
- актот за основање,
- датум на основање,
- име, презиме и единствен матичен број на граѓанинот и единствен матичен број на основачите,
- датум на донесување, односно изменување и дополнување на статутот,
- предвиденото време за кое организацијата се основа,
- цели и дејности,
- име, презиме и единствен матичен број на застапникот по закон,
- податоци за организациски единици (подружници, канцеларија и слично),
- податоци за статус на организација од јавен интерес,
- податоци за статусните измени,
- податоци за стечај и ликвидација,
- забелешка за започнување постапка за забрана на вршење на дејност,
- престанок на работа и
- број и датум на решение за запишување, за промена на податоци и решение за бришење на уписот во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон.
(2) За фондациите освен податоците од ставот (1) на овој член, се запишува и почетната имотна маса.
(3) За организационите облици на странските организации се запишува и:
- државата во која е регистрирана странската организација и седиштето на организацијата во таа држава и
- името на организациската форма и вид на странската организација согласно со прописите на државата во која е регистрирана странската организација.
(4) За организациите со статус од јавен интерес се запишуваат името, презимето и единствениот матичен број на членовите на органот за надзор.
Запишување во Регистарот
[уреди]Член 42
(1) Запишувањето во Регистарот се врши со пријава за запишување која се поднесува во рок од 30 дена од денот на донесувањето на актот за основање, односно одлуката на странската организација за основање на организациониот облик на странската организација во Република Македонија.
(2) Пријавата за запишување ја поднесува застапникот.
(3) За запишувањето од ставот (1) на овој член во Регистарот, здруженијата и фондациите поднесуваат:
- одлука за избор на застапник по закон со неговите податоци,
- изјава заверена кај нотар потпишана од застапникот со која се потврдува дека вршењето на дејноста е во согласност со закон и дека се исполнети условите за упис.
(4) За запишување во Регистарот на организациониот облик на странската организација со пријавата се поднесуваат:
- заверена фотокопија на актот за основање на странската организација и заверен превод за регистрација во странската држава во која е основана или друг документ што потврдува дека организацијата може да дејствува,
- заверена фотокопија на одлуката и заверен превод на одлуката на надлежниот орган за основање на организациониот облик во Република Македонија,
- фотокопија и заверен превод на статутот или друг соодветен акт,
- заверена одлука и превод за изборот на органите со лични податоци на лицата кои членуваат во органите,
- заверен превод на одлуката и одлуката за избор на законски застапник со лични податоци, заверена фотокопија на исправата за идентификација на тоа лице и документ за регулиран престој, односно живеалиште во Република Македонија и
- заверен превод на одлуката за лице овластено од законскиот застапник за регистрација на организациониот облик на странската организација во Република Македонија.
Решение за запишување
[уреди]Член 43
(1) Регистарот е должен во рок од пет дена од денот на поднесувањето на пријавата за запишување да донесе решение за запишување во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон.
(2) Решението за запишување во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон се доставува до подносителот на пријавата во рок од три дена од денот на донесувањето на решението.
(3) Со решението за запишување во Регистарот се доставува фотокопија од статутот заверен со печат на Регистарот.
(4) Со запишувањето во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон, организацијата се стекнува со својство на правно лице.
Дополнување и одбивање
[уреди]Член 44
(1) Ако Регистарот утврди дека пријавата за запишување во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон не е во согласност со членот 42 од овој закон ќе му укаже за тоа на подносителот на барањето и ќе определи рок од 30 дена во кој е должен да постапи по укажувањето.
(2) Ако во определениот рок подносителот на барањето за регистрација не постапи по укажувањето, Регистарот со решение ќе го одбие барањето за запишување во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон.
Право на жалба
[уреди]Член 45
Против решението на Регистарот со кое е одбиено барањето за запишување во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон организацијата има право на жалба до Комисијата за жалби утврдена со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, во рок од 15 дена од приемот на решението.
Запишување за промена на податоци
[уреди]Член 46
(1) Организациите кои извршиле промена на податоците кои се впишуваат во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон се должни во рок од 30 дена од денот на извршените промени да поднесат пријава до Регистарот за запишување на промените.
(2) Пријава за извршените промени поднесува застапникот.
(3) За запишување на промените на податоците во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон се применуваат одредбите за запишување утврдени со овој закон.
Јавност на регистарот
[уреди]Член 47
Податоците во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон се јавни и се објавуваат на веб страницата на Регистарот.
VII.
СРЕДСТВА ЗА РАБОТА НА ОРГАНИЗАЦИИТЕ
[уреди]Извори на финансирање
[уреди]Член 48
Организациите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот.
Средства од буџетите
[уреди]Член 49
(1) Организациите можат да добиваат средства од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
(2) Владата на Република Македонија и советите на општините, советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје поблиску ги уредуваат условите за распределба и користење на средствата од ставот (1) на овој член.
(3) Владата на Република Македонија, односно надлежните органи на државната управа и општините, општините во градот Скопје и градот Скопје донесуваат годишни планови и програми за распределба на средствата од ставот (1) на овој член.
(4) Органите на државната управа, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје на својата веб страница ги објавуваат организациите кои ги добиле средствата од ставот (1) на овој член, како и целите на организациите за кои ги добиле тие средства.
(5) Организациите кои добиле средства од ставот (1) на овој член доставуваат деловен и финансиски извештај до надлежниот орган на Државната управа, односно органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во случаите кога користат средства од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа.
(6) Даночни и царински олеснувања не може да се применат за средствата кои организацијата ги употребила спротивно на членовите 12 и 13 од овој закон.
Употреба на средствата
[уреди]Член 50
(1) Финансиските средства на организациите се употребуваат за остварување на целите на организацијата определени со статутот и програмата.
(2) Членовите на органите на организациите и нивните застапници по закон се должни да управуваат и работат со внимание и во согласност со начелата на добро управување, во интерес на организацијата, а над личните интереси, односно во интерес на остварување на целите, во согласност со закон и статутот.
(3) Средствата на организацијата не можат да се исплаќаат на членовите, основачите, членовите на органите, застапниците, вработените или со нив поврзани лица освен во случаи кога член на организацијата е корисник на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата.
(4) Работата во органите на организациите по правило е доброволна, а членовите на органите на организациите можат да примаат надоместок на патни и дневни трошоци, како и надоместок за вршење на работи во органите на организацијата во согласност со закон.
(5) Вработените имаат право на плата и надоместоци во согласност со закон и колективен договор.
Одговорност за обврските
[уреди]Член 51
(1) Организациите одговараат за своите обврски со целиот свој имот и средства.
(2) Членовите на органите на организациите одговараат лично и неограничено за нивните обврски кон организацијата, за злоупотреба на средствата на организацијата, за постигнување цели што за нив како поединци се забранети или за злоупотреба на организацијата како правно лице за да им нанесат штета на своите доверители.
Одговорност за штета
[уреди]Член 52
(1) Членовите на органите на организациите и нивните застапници по закон се одговорни солидарно за штетата на организацијата предизвикана од нивната работа, ако таа е предизвикана со грубо невнимание или со намера да се предизвика штета, освен во случаите кога во одлучувањето го издвоиле своето мислење на записник или ако не учествувале во одлучувањето.
(2) Барање за надоместок на штета поднесува органот определен со статутот или највисокиот орган, ако со статутот не е определен орган.
Извештаи за работа
[уреди]Член 53
(1) Организациите се должни на својата веб страница или на друг начин да ги објавуваат годишните извештаи за нивното работење.
(2) Организациите се должни да подготват годишен финансиски извештај, да го достават до надлежниот орган во согласност со закон и да го објават на својата веб страница или на друг соодветен начин да го направат достапен до јавноста.
(3) Извештаите од ставовите (1) и (2) на овој член, организациите се должни да ги објават најдоцна до 30 април за предходната година.
Располагање со средствата во случај на престанок
[уреди]Член 54
(1) Во случај на престанок на работата на организацијата, средствата што остануваат по намирување на обврските, се користат на начин утврден со статутот.
(2) Ако со статутот не е определен примателот на средствата што остануваат по намирување на обврските од ставот (1) на овој член, тие средства се пренесуваат на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје има седиште организацијата.
(3) Во случај на престанок на организацијата со статус на јавен интерес, сретствата се пренесуваат на друга организација со статус од јавен интерес со иста или слична цел на дејствување или на општината на чие подрачје има седиште организацијата, за што одлучува давателот на сретствата. 8. Пренесување на средствата во случај на забрана за работа
Член 55
Кога со одлука на надлежен суд се забранува работата на организацијата, имотот на организацијата се пренесува на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје има седиште организацијата.
VIII.
НАДЗОР
[уреди]Орган за надзор
[уреди]Член 56
(1) Организациите можат да имаат орган за надзор.
(2) Органот за надзор ја следи примената на статутот и програмата, се грижи за работењето и имотот на организацијата и врши други работи на начин утврден со статутот.
Надлежност за вршење на увид
[уреди]Член 57
(1) Членовите на организацијата вршат увид во работата на органите на организациите.
(2) Ако членовите на организацијата или членовите на органите на организацијата дознаат за неправилности во примената на статутот, или во финансиското работење, можат да побараат отстранување на неправилноста од органот определен со статутот, односно највисокиот орган ако со статутот не е определен друг орган.
Надзор
[уреди]Член 58
Надзор на законитоста на примената на одредбите од овој закон врши Министерството за правда.
IX.
СТАТУСНИ ИЗМЕНИ
[уреди]Поим и вид на статусни измени
[уреди]Член 59
Статусната измена подразбира присоединување, спојување и поделба на организацијата извршена врз основа на одлука донесена од органот во согласност со овој закон и статутот.
Присоединување на организацијата
[уреди]Член 60
(1) Присоединувањето е пренос на правата и обврските на една организација (организација што се присоединува) кон друга организација (организација што презема), врз основа на одлука и договор за присоединување.
(2) Договорот за присоединување ги содржи имињата и седиштето на организациите, начинот за пренос на имотот на организацијата што се присоединува со опис на правата и обврските кои се пренесуваат.
(3) Присоединувањето на една или повеќе организации кон друга се запишува во Централниот регистар.
(4) За уписот на присоединувањето соодветно се применуваат одредбите за упис во регистарот утврдени во овој закон.
(5) Со пријавата за упис се поднесуваат и одлуките од организациите кои учествуваат во присоединувањето за прифаќање на склучените договори за присоединување, во истоветен текст, договорот за присоединување и решение за упис во регистарот на организациите кои се присоединуваат.
(6) Со уписот за присоединување во регистарот престанува да постои организацијата што се присоединува.
Спојување на организации
[уреди]Член 61
(1) Спојувањето е основање на нова организација на која се преминуваат сите права и обврски на две или повеќе организации кои се спојуваат.
(2) Со спојувањето престануваат да постојат организациите коишто се споиле, а новонастанатата организација се смета за нова организација.
(3) За новата организација соодветно се применуваат одредбите за основање на организација согласно со овој закон.
Поделба на организации
[уреди]Член 62
(1) Организацијата може да се подели на две или повеќе организации.
(2) Одлуката за поделба на организацијата има правно дејство на акт за основање.
(3) Поделената организација престанува да постои, а во постапката за упис на новонастанатите организации се применуваат одредбите за регистрација согласно со овој закон.
(4) Организациите настанати со поделбата со денот на запишување во Регистарот одговараат солидарно за обврските на поделената организација.
(5) Со барањето за запишување во Регистарот се поднесува и делбен биланс.
X.
ПРЕСТАНОК И ЗАБРАНА НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА
[уреди]Престанок на организацијата
[уреди]Член 63
(1) Организацијата престанува да постои ако е:
- донесена одлука за престанок на постоење во согласност со статутот,
- поминато двојно повеќе време од времето предвидено за одржување на седница на највисокиот орган утврден со статутот, а таа не е одржана,
- во две последователни години не е поднесена завршна сметка во согласност со закон,
- истечено е времето определено со статутот, кога основањето на организацијата е за определено време,
- статусна измена која предвидува престанок на постоењето,
- донесена одлука на надлежен суд,
- стечај и
- спроведена ликвидација.
(2) Организацијата може да престане и ако бројот на членовите на организацијата се намали под бројот определен за основање.
Поведување на постапка за престанок на организацијата
[уреди]Член 64
(1) Одлука за престанок на организацијата врз основа на членот 63 став (1) алинеи 2, 3 и 4 и став
(2) од овој закон донесува надлежниот суд на предлог на застапникот по закон, членовите на органите или членовите, во случаите кога не е донесена одлука за престанок на постоење од органот определен со статутот.
(2) Постапката за престанок на организацијата пред надлежниот суд се води според одредбите на Законот за парничната постапка.
(3) За престанокот на организацијата судот по службена должност го известува Регистарот.
Забрана на работа на организацијата
[уреди]Член 65
Се забранува работата на организацијата, ако:
- нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија,
- поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост,
- активности поврзани со тероризам,
- презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и
- се повредуваат слободите и правата на други лица.
Поведување постапка за забрана на работата на организациите
[уреди]Член 66
(1) Секој може да поднесе иницијатива за забрана на работата на организациите пред надлежниот јавен обвинител.
(2) Ако надлежниот основен јавен обвинител според седиштето на организацијата по службена должност или по поднесената иницијатива оцени дека постојат причини за забрана на работата на организацијата во согласност со овој закон, ќе поднесе предлог до надлежниот суд.
(3) Постапката за забрана е итна.
Право на жалба
[уреди]Член 67
(1) Против решението на основниот суд за забрана на работата на организацијата може да се поднесе жалба до надлежниот апелационен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.
(2) Основниот суд жалбата ја доставува до апелациониот суд во рок од три дена од денот на приемот на жалбата.
(3) Апелациониот суд по жалбата одлучува во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата.
Ликвидација
[уреди]Член 68
(1) Ликвидација на организација се спроведува кога организацијата има доволно финансиски средства за покривање на своите обврски, а е донесена одлука
(акт) за престанок на постоење од органот определен со статутот.
(2) За прашањата за постапка на ликвидација кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредуваат прашања за ликвидација на трговски друштва.
(3) Постапката за ликвидација е итна.
Управување со организација во ликвидација
[уреди]Член 69
(1) Со организацијата во ликвидација управува ликвидатор.
(2) Ликвидатор се именува на начин уреден со статутот на организацијата или определен со одлуката за престанок на постоење на организацијата.
(3) Со именувањето на ликвидаторот престануваат овластувањата на органите и на застапникот.
(4) Застапувањето се пренесува на ликвидаторот со денот на отворање на постапката за ликвидација.
(5) Одлуката за престанок со ликвидација и за именување на ликвидатор, се доставува до Регистарот во рок од три дена од денот на нејзиното донесување.
(6) Во Регистарот се запишуваат податоците за ликвидаторот, а во името на организацијата се впишува ознака „во ликвидација”.
Скратена постапка за ликвидација
[уреди]Член 70
(1) Организацијата може да престане по скратена постапка за ликвидација, ако по донесувањето на одлуката за престанок на постоење од органот определен со статутот повеќето членови на собранието или застапниците на фондацијата и на странската организација, поднесат до Регистарот заверена изјава согласно со закон дека се намирени сите обврски кон доверителите и кон вработените во организацијата.
(2) Лицата од ставот (1) на овој член одговараат солидарно за обврските на организацијата во рок од три години од денот на брише од Регистарот.
(3) Организацијата која престанува по скратена постапка се брише од Регистарот, а се впишуваат имињата и живеалиштето, односно седиштето на лицата од ставот
(1) на овој член, со назнака за нивната солидарна одговорност за обврските на организацијата.
Постапка по спроведена ликвидација и стечај
[уреди]Член 71
(1) Со средствата што остануваат по намирување на обврските, ликвидаторот постапува во согласност со овој закон и статутот на организацијата.
(2) По предавање на средствата на примателот, ликвидаторот поднесува барање за бришење од Регистарот, со кое приложува и извештај за ликвидацијата или стечајот и изјава дека сите средства се поделени во согласност со закон и статутот.
(3) Постапката за стечај на организациите се спроведува во согласност со закон.
Бришење од Регистарот
[уреди]Член 72
(1) Организацијата се брише од Регистарот врз основа на завршена ликвидација или стечај.
(2) Со бришење од Регистарот организацијата престанува да постои како правно лице.
XI.
СТАТУС НА ОРГАНИЗАЦИЈА ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС
[уреди]Поим на статус на јавен интерес
[уреди]Член 73
Организациите можат да се стекнат со статус од јавен интерес ако вршат дејности од јавен интерес, спроведување на програми и проекти на централно и/или локално ниво, самостојно или во соработка со органите на државната управа и органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и користење на финансиски средства за реализација на активностите.
Дејности од јавен интерес
[уреди]Член 74
Дејности од јавен интерес се:
- развој на демократијата, граѓанското општество и човековите права,
- помош и заштита на лица со физички или ментален хендикеп, лица со попреченост во развојот и лица со посебни потреби,
- заштита на деца и младинци,
- заштита на маргинализирани лица и нивно социјално вклучување,
- заштита од злоупотреба на дрога, сексуално преносливи болести, малолетничка деликвенција, алкохолизам, проституција и трговија со луѓе,
- здравство, унапредување на здравјето и медицинска грижа,
- уметност, култура и заштита на културното наследство,
- аматерски спорт,
- заштита на животната средина и одржлив развој,
- локален и инфраструктурен развој,
- наука, образование и обука во образовниот процес,
- развој на етиката и моралот,
- хуманитарна и социјална помош, намалување на сиромаштијата,
- справување со елементарни непогоди,
- заштита и грижа за животни,
- заштита на потрошувачите,
- унапредување на добротворството и волонтерството и
- друга дејност од јавен интерес определен со овој или друг закон.
Критериуми за јавен интерес
[уреди]Член 75
Здружението или фондацијата ќе се здобие со статус на организација од јавен интерес, ако:
- е регистрирана согласно одредбите на овој закон,
- дејноста од јавен интерес е главна приходна шифра во нејзиното работење,
- работењето и дејствувањето е насочено кон пошироката јавност и кон интересите на заедницата,
- има потребна организациска структура согласно овој закон,
- има кадровски капацитети потребни за дејност согласно со законот,
- има соодветни финансиски ресурси, односно вкупна вредност на имотот или годишен приход од минимум 1.500 евра во денарска противвредност според курсот на Народна банка на Република Македонија,
- има пропишано правила за судир на интереси и за обезбедување на транспарентност и јавност во работењето и
- не е во стечај или ликвидација и нема блокирана жиро сметка.
Барање
[уреди]Член 76
(1) Здружението или фондацијата поднесува барање за добивање на статус на организација од јавен интерес до Комисијата за организации со статус од јавен интерес.
(2) Кон барањето се поднесува и:
- решение за запишување во Регистарот,
- статут,
- програма за работа за тековната година,
- опис на дејноста од јавен интерес дефинирана во статутот и активностите со кои е спроведувана,
- препорака од организации или институции со кои соработувале,
- опис на организациската структура,
- опис на кадровскиот капацитет потребен за дејност согласно со закон,
- изјава за судир на интереси од застапникот,
- информација за економска и финансиска состојба на организацијата,
- завршна сметка доколку здружението или фондацијата има заокружено еден фискален циклус,
- потврда дека не е отворена постапка за ликвидација и
- потврда дека со правосилна одлука не е изречена мерка на безбедност
- забрана на вршење на дејност.
(3) Документите од ставот (2) на овој член не смеат да бидат постари од шест месеци и се доставуваат во оригинал или заверена копија на нотар.
(4) Статусот од јавен интерес е непренослив на организациите настанати со статусни измени.
Орган за надзор
[уреди]Член 77
(1) Организацијата од јавен интерес има орган за надзор.
(2) Органот за надзор:
- го следи спроведувањето на статутот и програмата на организацијата,
- се грижи за работењето и имотот на организацијата,
- го контролира начинот на работењето на органот на управување,
- поднесува извештај на собранието на здружението, односно на одборот на фондацијата и на органот од кој му се пренесени јавните овластувања најмалку еднаш годишно за финансиското и сметководственото работење,
- ја прегледува годишната завршна сметка и други акти на организацијата и
- врши други работи утврдени со закон и статутот.
Неспојливост на функции
[уреди]Член 78
(1) Членовите на органот за надзор не можат да бидат членови на други органи врз чија работа вршат надзор.
(2) Вработените во организацијата не можат да бидат членови на органот за надзор.
Определување на организации со статус од јавен интерес
[уреди]Член 79
(1) Статусот на организациите од јавен интерес го определува Владата на Република Македонија по предлог на Комисијата за организации со статус од јавен интерес (во натамошниот текст: Комисијата).
(2) Комисијата од ставот (1) на овој член ја формира Владата на Република Македонија.
(3) Комисијата е составена од претседател и десет члена од кои по еден претставник од Министерството за финансии, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за култура, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа, Агенцијата за млади и спорт, како и двајца претставници на организации регистрирани во согласност со овој закон.
(4) Начинот и критериумите за избор, како и причините за престанок на вршењето на работата на претседателот и членовите на Комисијата од ставот (3) на овој член ги уредува министерот за правда со подзаконски акт.
(5) Мандатот на претседателот и членовите на Комисијата е четири години.
Надлежности на Комисијата
[уреди]Член 80
(1) Комисијата ги врши следниве работи:
- дава предлози за доделување и престанок на статус на организација од јавен интерес,
- разгледува и дава мислења по деловни и финансиски извештаи за работата на организациите со статус од јавен интерес,
- предлага поведување прекршочна постапка и
- го утврдува годишниот извештај за својата работа за претходната година.
(2) Комисијата донесува деловник за својата работа.
(3) Извештајот од ставот (1) алинеја 4 Комисијата го објавува на својата веб страница.
Административно-технички работи
[уреди]Член 81
(1) Административно-техничките работи на Комисијата ги врши Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија.
(2) Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија
- Организационата единица за соработка со граѓански организации:
- подготвува предлози за доделување статус на организација од јавен интерес по доставено барање од страна на организациите,
- дава стручна и техничка помош на Комисијата во спроведувањето на нејзините активности,
- ги подготвува седниците на Комисијата,
- разгледува извештаи доставени од организациите со статус на јавен интерес и подготвува предлог до Комисијата за постапување по извештаите,
- одговара на прашања поставени од организациите со статус на јавен интерес и други заинтересирани лица,
- дава информации и совет за правните прашања што се однесуваат на организациите со статус на јавен интерес,
- доставува решение за доделување и одземање на статус од јавен интерес до Централниот регистар,
- одржува електронска база на податоци за работата на Комисијата и информација за регистрираните организации со статус на јавен интерес,
- ја следи работата на организациите со статус од јавен интерес,
- го објавува списокот на здруженија и фондации на кои им е доделен статус на организација од јавен интерес за претходната година и
- врши и други работи утврдени со овој и друг закон.
Постапка за добивање на статус на организација од јавен интерес
[уреди]Член 82
(1) Барањето за добивање на статус на организација од јавен интерес се поднесува до Владата на Република Македонија преку Комисијата.
(2) Ако се утврди дека барањето не е комплетно, Комисијата ќе го повика подносителот на барањето и ќе му определи рок од 15 работни дена да постапи по укажувањето.
(3) Ако во рокот од ставот (2) на овој член здружението или фондацијата не постапи по укажувањето, барањето ќе се смета дека не е поднесено.
Право на тужба
[уреди]Член 83
(1) Владата на Република Македонија донесува решение во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.
(2) Против решението на Владата на Република Македонија може да се поведе управен спор.
(3) Управниот суд по тужбата одлучува во рок од 30 дена од денот на приемот на тужбата.
Промени кои се забележуваат во Регистарот
[уреди]Член 84
Ако организациите го изменат актот за основање, или статутот со што би се изгубил статусот на здружение и фондација од јавен интерес, или други промени кои се забележуваат во Регистарот се должни да ја известат Комисијата во рок од 30 дена по извршената промена.
Извештаи
[уреди]Член 85
(1) Организацијата со статус од јавен интерес е должна за својата работа еднаш годишно да поднесе деловен и финансиски извештај, одобрен од органот определен со статутот, за својата работа до Владата на Република Македонија за усвојување, а најдоцна до 30 април во тековната година за претходната година.
(2) Образецот за формата и содржината на извештаите од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии.
Ревизија
[уреди]Член 86
(1) Здружението или фондацијата со статус од јавен интерес чиј годишен буџет е над 20.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија е должно да изврши независна годишна ревизија на своето финансиско работење, а ако има буџет над 100.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, е должно да изврши ревизија во согласност со меѓународните сметководствени стандарди.
(2) Извештајот за ревизијата од ставот (1) на овој член се поднесува заедно со извештајот од членот 77 став (2) алинеја 4 на овој закон, најмалку еднаш годишно.
Јавност на извештаите
[уреди]Член 87
Извештаите од членовите 85 и 86 на овој закон се јавни и се објавуваат на веб страницата на организацијата со статус од јавен интерес до 30 април во тековната година за претходната година.
Олеснувања
[уреди]Член 88
Организациите со статус од јавен интерес покрај даночните и царинските олеснувања утврдени во членот 7 став (2) на овој закон имаат дополнителни даночни и царински олеснувања во согласност со закон.
Престанок на статус од јавен интерес
[уреди]Член 89
(1) Статусот на организација од јавен интерес престанува:
- по барање на здружението или фондацијата,
- кога престанала да ги исполнува условите што се потребни за добивање на статусот организација од јавен интерес,
- ако не формира надзорен одбор и не постапува согласно со статутот,
- ако не поднесе извештај во роковите определени со овој закон,
- ако не поднесе ревизиски извештај во роковите согласно со овој закон и
- со своето работење не го одразува јавниот интерес за кој го добила статусот.
(2) Владата донесува решение за престанок на статусот на организацијата од јавен интерес. Организацијата се известува за забелешките во однос на ставот (1) алинеи 2, 3, 4 и 5 од овој член и се одредува рок од 30 дена за нивно отстранување. Доколку организацијата не ги отстрани забелешките во наведениот рок, се донесува решение за престанок.
(3) Комисијата донесува решение за престанок на статусот од јавен интерес.
(4) Против решението од ставот (2) на овој член може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.
(5) Организациите од јавен интерес на кои им престанал статусот на организации од јавен интерес се должни во рок од 30 дена до Комисијата да достават извештај за периодот од последниот извештај до моментот на престанокот на статусот.
XII.
ЈАВНИ ОВЛАСТУВАЊА
[уреди]Член 90
(1) На организациите може да им се довери вршење на јавно овластување, со пренесување на надлежности од орган на државна управа, од орган на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и други органи кои имаат јавни овластувања, во согласност со закон.
(2) Јавното овластување од ставот (1) на овој член се доверува врз основа на програма на организацијата на начин и постапка за доверување на вршењето на јавното овластување, по објавен јавен повик во средствата за јавно информирање.
(3) Критериумите, начинот и постапката на доверување на вршењето на јавното овластување се утврдуваат со закон од соодветната област.
(4) На организациите може да им биде одземено вршењето на јавното овластување, поради злоупотреба или невршење на довереното овластување на начин и во постапка утврдени со закон.
XIII.
ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
[уреди]Член 91
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата која врши дејност што не е во согласност со нејзините цели утврдени со статутот од членовите 18 и 31 на овој закон.
Член 92
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата која во правниот промет не го користи името кое согласно со членот 41 од овој закон е запишано во Регистарот.
Член 93
(1) Глоба во износ од 300 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на застапникот ако во рокот од 30 дена утврден во членот 46 од овој закон не поднесе пријава до Регистарот за запишување на промените.
(2) Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече и на организацијата за прекршокот од ставот (1) на овој член.
Член 94
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата која средствата на организацијата не ги користи во согласност со членот 50 од овој закон.
Член 95
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата која не ги објавува извештаите за финансиското работење согласно со членот 53 од овој закон.
Член 96
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата која нема да ја извести Комисијата за промените од членот 84 на овој закон.
Член 97
(1) Глоба во износ од 300 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во организацијата со статус од јавен интерес ако не поднесе наративен и финансиски извештај согласно со членот 85 од овој закон.
(2) Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече и на организацијата за прекршокот од ставот (1) на овој член.
Член 98
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата со статус од јавен интерес ако не изврши годишна ревизија на своето финансиско работење и не поднесе извештај согласно со членот 86 од овој закон.
Член 99
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата со статус од јавен интерес ако не ги објави извештаите согласно со членот 87 од овој закон.
Член 100
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата со статус од јавен интерес ако во рок од 30 дена не достави извештај до Комисијата согласно со членот 89 став (4) од овој закон.
Член 101
Пред поднесувањето на барањето за поведување на прекршочна постапка на сторителот за прекршок ќе му се понуди порамнување од Министерството за финансии како надлежен орган за контрола на финансиското работење на организациите.
XIV.
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
[уреди]Член 102
Во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се донесат подзаконските акти утврдени со овој закон.
Член 103
Започнатите постапки за регистрација на организациите започнати до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе завршат според одредбите на овој закон.
Член 104
(1) Организациите се должни во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат актите со овој закон и да извршат пререгистрација во Регистарот.
(2) За организациите кои биле запишани во Регистарот, пререгистрацијата во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се врши без плаќање на такса или друг вид на надоместок.
Член 105
Имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници се државна сопственост.
Член 106
(1) Здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп, доколку се користи за целите и задачите на здружението на граѓани согласно со закон.
(2) Имотот од ставот (1) на овој член не може да биде предмет на издавање под закуп од страна на закупецот - организацијата.
(3) Здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија формирани за хуманитарни цели ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп без надоместок, доколку тој се користи за целите и задачите на здружението на граѓани.
(4) Закупниот однос меѓу здружението на граѓани и државата се уредува со договор согласно со закон.
(5) Договорот за закуп во име на државата го склучува органот на државната управа определен со закон.
Член 107
Во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се формира Комисијата од членот 79 став (2) на овој закон.
Член 108
Со денот на влегувањето во сила на овој закон Регистарот е должен да го усогласи водењето на регистрите утврдени со членот 40 став (1) од овој закон.
Член 109
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за здруженијата на граѓани и фондациите („Службен весник на Република Македонија” број 31/98 и 29/2007).
Член 110
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, освен одредбите од Главата XI. Статус на организации од јавен интерес кои ќе започнат да се применуваат шест месеци од денот на неговото влегување во сила.