Соопштение за јавноста по повод 50.000 статии на Википедија на македонски јазик
Википедија на македонски јазик надмина 50.000 статии
[уреди]Честитки од основачот на Википедија и повик за поголема вклученост во проектот
СКОПЈЕ, 4 октомври 2011 – Википедија на македонски јазик достигна 50.000 статии што претставува важен јубилеј во историјата на проектот. Статијата со која се достигна бројката е за перуанската покраина Акомајо, создадена во неделата, во 13:26 часот, од страна на корисникот MacedonianBoy. Веќе утредента пристигна честитка од Џими Велс, основачот на Википедија: "Википедија постои бидејќи милиони луѓе го даваатсвојот мал придонес за светот да има слободен пристап до информации. Честитки до сите Википедијанци кои одвоија време да им обезбедат витални информации на говорниците на македонски јазик. Ги повикувам сите да им се приклучат и да помогнат енциклопедијата да ги достигне и следните 50.000 статии."
Википедија на македонски јазик ја пишуваат волонтери од целата земја, но и од дијаспората. Некои од нив посветуваат часови од своето слободно време на уредување на содржините на енциклопедијата. Корисници со најголем број на уредувања се Никола Стојаноски од Тетово и Александар Поповски од Струмица, кои уредуваат од 2007 година. Александар започнал да уредува бидејќи барал дополнителни информации за светската историја, кои ги немало на македонски јазик: “По четири изминати години можам да кажам дека лично поседувам многу повеќе знаење не само од областа на историјата, туку и од културата на разни народи и цивилизации.” “Википедија имаше едвај 15.000 статии кога јас се приклучив на тимот. Доволно долго следев како се развива проектот и денес со гордост можам да кажам дека успеавме да дадеме солидна подлога за понатамошниот развој на првата слободна енциклопедија на македонски јазик”, вели Никола Стојаноски. Тој, како и сите други македонски Википедијанци, се радува на досега сработеното и се надева дека во иднина кон проектот ќе се приклучат многу повеќе вики-ентузијасти.
За развојот на Википедија на македонски јазик придонесуваат и повеќе универзитетски професори со своите студенти, независно или во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.
Првото уредување на Википедија на македонски јазик е направено во април 2003 година, но на енциклопедијата навистина започнува да се работи од 2005 година. Денес, Википедија претставува единствена онлајн енциклопедија на македонски јазик достапна за корисниците ширум светот.
И покрај тоа што 50.000-тата статија е извонредно постигнување, вистинската работа допрва следи. Според последните статистики, на македонската Википедија работат само десетина многу активни уредувачи (корисници кои придонесуваат со сто или повеќе уредувања месечно) и 50-тина активни уредувачи (корисници кои придонесуваат со барем пет уредувања месечно). Затоа, популаризацијата на проектот и зголемувањето на бројот на активни уредувачи останува главна цел на Викимедија Македонија, локалниот огранок на Фондацијата Викимедија кој го поддржува развојот на Википедија.
"Википедија на македонски јазик е дело на вредни уредувачи од најразлични стручни профили ангажирани на доброволна основа кои секојдневно се грижат за зголемување на слободните содржини и нивното подобрување. Зголемувајќи го фондот на информации кои слободно се споделуваат правиме знаењето да биде слободно и достапно до сите." - вели Димче Грозданоски, претседател на Викимедија Македонија, повикувајќи ја македонската јавност да земе што помасовно учество во проектот.
Македонските Википедијанци ќе се соберат на меѓусебно дружење на 6 октомври (четврток) во 18 часот, во кафе-барот "Менада” (лоциран во скопската чаршија) и ги покануваат сите заинтересирани за Википедија да присуствуваат на средбата.
За Википедија
[уреди]Википедија и другите проекти раководени од Фондацијата Викимедија имаат повеќе од 390 милиони единечни посетители месечно, што ги прави петта најпосетена веб содржина на светско ниво (јули 2011). Достапна на повеќе од 270 јазици, Википедија содржи повеќе од 19 милиони статии создадени од стотици илјади луѓе од сите краишта на светот.
За Википедија на македонски јазик
[уреди]Википедија на македонски јазик по бројот на статии се наоѓа на 54. место од 270 јазични изданија на Википедија. Сите јазични изданија на Википедија се извонредно популарни во Македонија – според вебсајтот Алекса, Википедија е шести најпосетен сајт во земјата.
Википедија на македонски јазик:
За Викимедија Македонија
[уреди]Здружението на граѓани - Викимедија Македонија е невладина, непартиска, и непрофитна организација која постои од 2010 година и е призната за “локален огранок” на Фондацијата Викимедија за Република Македонија, но како и сите “ограноци” (chapters), егзистира како посебен и независен правен субјект. Мисијата на здружението е поддршката на создавање, собирање и умножување на слободни содржини.
Викимедија Македонија: