Викиманија 2011 (извештај)

Од Викимедија Македонија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Викиманија 2011 беше седма годишна конференција наменета за корисниците на Викимедија, која од 4 до 6 август се одржа во Хаифа. На конференцијата присуствуваа повеќе од петстотини посетители од 56 земји. Меѓу нив, македонската Вики-заедница беше претставена од страна на Слободан Јаќоски и Кирил Симеоновски.

1 август[уреди]

Во Хаифа пристигнавме на 1 август со лет кој започна во Скопје, попатно застана во Будимпешта, каде што се сретнавме со Габор, со кого имав можност да се запознаам уште во Берлин оваа година, и заврши во Тел Авив. На аеродромот Бен Гурион во Тел Авив, кој изобилува со својот раскпш и големина, бевме дочекани од претставници на организаторите, кои ни помогнаа како да стигнеме до Хаифа. Се качивме во „шател“, каде што се запознавме со уште неколку Викимедијанци и се упативме на север кон Хаифа. Пристигнавме во попладневните часови и откако се сместивме во рамките на студентскиот град, решивме најпрво да одмориме по напорното патување, пред да прошетаме и да ја запознаеме околината. Вечерта се упативме во градот, каде што се запознавме со уште некои присутни, па седнавме во кафе-бар каде што ја продолживме ноќта.

2 август[уреди]

По долгата измината ноќ, беше тешко човек да се разбуди. За 2 август беше предвидена организацијата на една од трите претконференција, која се однесуваше на развојот на движењетово земјите од „глобалниот југ“. Јас најпрво се пријавив да присуствувам, но бев убеден да им се придружам на остатнатите во разгелдувањето на градот. Ги посетивме градините бахаи, кои се наоѓаат на списокот на светско културно и природно наследство на УНЕСКО, па потоа веднаш се упативме во Германската колонија, каде што ручавме. Оттаму, со воз се упативме кон Ако, каде што останавме до вечерните часови, разгледувајќи го стариот дел од градот. Откако се вративме во Хаифа, бевме доста уморни, па решивме да се подготвиме за втората претконференција, предвидена за 3 август.

3 август[уреди]

Извадок од претконференцијата за локалните ограноци

Се чини дека вистинската конференција започна на нашиот трет ден во Хаифа. Програмата за овој ден содржеше две претконференции, од кои едната беше осумчасовна и се однесуваше на локалните ограноци, додека другата беше пократка и беше наменета за односите со јавноста. Јас присуствував на онаа за ограноците, додека Цобе ми се придружи откако заврши претконференцијата за односите со јавноста.

Храна за време на паузите

Програмата започна во 9 часот, со воведни излагања на членови од најголемите локални ограноци и клучните предизвици со кои се соочуваат тие. Се спомена за професионализацијата на кадрите во Викимедија Аргентина, за што присутна да сведочи беше и Беатриз, односно првата вработена во овој локален огранок. Себастијан како претседател на Викимедија Германија зборуваше за различниот статус кој го имаат соработниците и членовите, напоменувајќи дека иако бројот на вкупни луѓе вклучени во активностите е значително поголем, главните работи ги вршат многу помал број на луѓе. Се продолжи со дискусија за односите со надворешните институции, а во вој дел со свои коментари се вклучив и јас. Многумина го споделија искуството дека луѓето кои работат во ограноците повеќе не се активни на Википедија или на другите проекти. Со ова тврдење се согласив и јас, надополнувајќи дека околу 70% од уредувањата на Википедија на македонски јазик се од корисници, кои не се членови на Викимедија Македонија, иако членарината изнесува 0 денари.

Забава за ранодојдените

По паузата за ручек, која траеше од 13 до 14 часот, следуваше вториот дел, посветен на односите меѓу Фондацијата и локалните ограноци. Ова беше малку досаден дел, бидејќи се зборуваше за нешто што навистина најмногу ги засега поголемите ограноци, па и нивните претставници беа најактивни. Се зборуваше за правилник, кој содржи упатства за регулирање на односите меѓу засегнатите страни, а целата понатамошна дискусија водеше во правец дека е потребно да се постигне заемна согласност околу содржината на овој правилник.

Откако официјалната програма заврши, бевме во очекување на првата забава, која беше наменета за оние кои пристигнале порано на конференцијата. Но, бидејќи имавме слободно време, најпрво се собравме во доволен број и се упативме во кафе-барот, каде што бевме уште првата вечер. Оттаму, се придруживме кон останатите и се упативме на забавата, која се одржа на кров од зграда, откаде што имаше одличен поглед на целиот град.

4 август[уреди]

Јохаи Бенклер за време на своето излагање на отворањето

Првиот ден од Викиманија започна како и претходните. Но, откако пристигнавме до културниот центар, беше забележливо присуството на многу поголем број на луѓе, кои беа во исчекување на првото излагање и официјално отворање. Овој дел содржеше излагање на Претседателот на Викимедија Израел, универзитетски професор од Израел, како и на господинот Меир Шитрит. Делот заврши со предавањето на харвардскиот професор, Јохаи Бенклер, кој е автор на книгата „Богатството на мрежите“ и говореше за тоа дека Википедија претставува модел за оптествените односи, кој заедно со останатите Интернет проекти, ја има предизвикано парадигмата на „научна себичност“, според која главен мотиватор на човековото однесување е неговиот егоизам. Со своето излагање, тој исто така го посочи алтруизмот како алтернативен начин на создавање на општествените вредности.

Следуваше кратка пауза, а веднаш потоа и поделба на програмата во два дела, од кои едниот беше на хебрејски и се однесуваше на Википедија и нејзината улога во образованието, додека оостанатиот беше обраќање на Извршниот директор на Фондацијата Викимедија, Сју Гарднер, како и дел со прашања и одговори со членовите на Одборот на доверители на Фондацијата. Присуствувавме на втората точка, од едноставна причина што не разбираме хебрејски, а за почеток и содржината беше попримамлива. Сју Гарднер започна со она што се направило и што се очекува да се направи. Обрна особено внимание на првиот стратешки план, кој се однесува за периодот до 2015 година, со кој се предвидува зголемување на учеството на земјите од „глобалниот југ“ и одржување на нивото на останатите. Таа, исто така, напомена дека и покрај значителниот пад на бројот на уредувачи на среден рок, во последно време тој повторно бележи пораст, а се осврна и на успехот со прибирање на 20 мкилиони долари во последната година, како и воведувањето и значењето на WikiLove. Прашањата до Одборот на доверители главно се однесуваана тоа до каде ќе оди програмата за прибирање на донации и што конкретно треба да се прави со добиените пари. Одговорот беше поттикнат од изменетите работи во последните неколку години, навестувајќи дека е потребно истите да се распределат за корисни цели.

Веќе по паузата за ручек, следуваше дел со повеќе предавања истовремено, па така јас решив да присуствувам на оној посветен за секторот GLAM. Предавањето започна интересно со излагање на претставници од САД, Франција и Холандија за сето она што го имаат сторено засега во врска со соработката со овие институции, а како интересен обид за организирање на активностите се спомена и идејата за „Викимедјанец на терен“, која има за цел преку испраќање на лица во самите институции и преку нивната постојана работа таму, да се обезбедат доволно материјали и слободни содржини. Делот заврши со излагање на Лиам Вајат, кој идното проширување на идејата за GLAM во многу други земји, започнувањето на проектот WikiLoveMonuments и одржувањето на кампови и конференции ги посочи како идни перспективи во развојот на GLAM културата.

Атмосферата за време на забавата по повод отворањето на Викиманија 2011

На последниот дел од првиот конференциски ден, присуствував на предавања посветени на интелектуалната сопственост и употребата на лиценците. Во предавањето беше вклучена и универзитетската професорка Нива Елкин-Корен, која започна со свое излагање на темата и заврши со одговори на некои прашања од страна на присутните. Останатите излагања се однесуваа главно на она што претставуваат лиценците, како истите се применуваат на Ризницата, а се спомена и за улогата на јавниот домен и неговото значење во врска со слободните содржини. Посебно интересно беше и тоа што всушност претставува фер употреба, а што прекршување на авторско право, и како на сето тоа влијаат политичките влијанија.

По завршувањето на предавањата, следуваше забава организирана на отворено, во рамките на самиот културен центар. Ова време го поминавме во разговор со останатите присутни, а јас имав опсежен разговор со корисникот Spiritia од Бугарија, во кој разговаравме за тековните работи на Википедја на македонски и Википедија на бугарски јазик, како и за тоа како сме организирани во рамките на двете земји и делумно какви се меѓусебните односи на корисниците од двете јазични изданија. Spiritia беше импресионирана од фактот што имаме локален огранок и ме прашуваше повеќе околу тоа. Со задоволство ѝ одговорив и ја понудив нашата подршка во создавањето на локален огранок и во Бугарија.

Во доцните вечерни часови, заедно со Милош се упативме во еден ирски паб во близина, каде што го поминавме остатокот од ноќта.

5 август[уреди]

Вториот ден го започнавме со присуство на излагањето на харварскиот асистент, Џозеф Ригл, кој дошол до заклучокот дека Википедја денес е многу блиску до првите пишани енциклопедии, кои се појавили во периодот на просветителството кон крајот на 18. век во Франција. Продолжи Лодевијк од Холандија со неговото предавање за локалните ограноци, кое содржеше осврт на најдобрите проекти на сите локални ограноци во изминатиот период, а Викимедија Македонија меѓудругото беше пофалена за улогата на промовирањето на Википедија на социјалните мрежи, како и за одржувањето на предавања во образовните институции во Македонија. Во рамките на истиот дел, следуваше и предавање за некои разгледувани можности од страна на Викимедија Германија за придобивање на нови корисници. Имено, идејата е што повеќе млади луѓе, ученици и студенти, да се убедат за користите од уредувањето и активно да се приклучат, но исто така и пензионерите, кои наместо да седат дома и да играат друштвени игри, пожелно би било да придонесуваат кон збогатувањето на севкупното знаење.

Веднаш по првата пауза, следуваше предавањето кое го подготвив јас за овогодинешната Викиманија и носеше наслов „Линија на доволноста“, во кое обрнав внимание на тоа што претставува оваа линија, како истата се утврдува и што треба да се има на ум при нејзината примена на проектот. Имено, тоа е онаа невидлива граница, којашто ги разликува статиите со доволно значајна содржина од оние со недоволно значајна или условно безначајна. Стануваше збор за работилница со разговор во кој ќе може да бидат вклчучени повеќе луѓе, па бидејќи беа присутни околу десетмина имаше услови да се развие течна дискусија. Веднаш по моето излагање, имаше предавање за можноста за создавање а различни илустрации со кои ќе се претстават некои апстрактни поими, чиишто статии се без соодветни слики. За сите присутни ова беше навистина необично, но заклучокот беше дека не може преку една илустрација некому да му се наметне претставата за тоа што претставува конкретен апстрактен поим.

Откако помина паузата за ручек, се упатив на делот со предавања за Википедја во образованието. Уште минатиот ден, бев поканет од страна на Spiritia на нејзините предавања, но бидејќи моето и нејзиното прво временски се поклопуваа, присуствував само на нејзиното излагање за обидите за воведвање на Википедија во образовниот процес. Навистина, нејзината презентација беше содржајна и одлично подготвена, во која беше опшишано целото нејзино искуство во соработката со факултетите во Бугарија, а како клучен однос во создавањето и негувањето на меѓусебните односи, таа го спомена односот корисници-професори-студенти. Овој дел беше збогатен со споделување на уште искуства во врска со тоа како би можеле да се осмислат овие активности.

Во потрага по малку повеќе креативност, последниот дел од вториот ден го поминав заедно со Слободан на предавањето на Милош Ранчиќ, кое се однесуваше на јазиците во светот, кои имаат голем број на говорници, но не и јазично издание на Википедија, како и на јазиците во изумирање и обидите за нивен спас. Милош ги претстави сите идни мерки коишто треба да се преземаат, со цел да се спасат јазиицте од изумирање, а напомена и дека Комитетот за јазици на Викимедија ќе продолжи со своите настојувања за создавање на проекти на што повеќе јазици. Предавањето продолжи со обраќање на Делфин Менар во врска со меѓукултурните разлики во именувањето на истите нешта на Википедија, како и на настојувањето ова да се реши. Ова особено важи за оние јазици, кои имаат повеќе стандардни норми и во кои поради различни причини се јавува употребата на синоними. Делот заврши со презентација за Иберокоп, нивната конференција одржана непосредно пред Викиманија, како и за целите на ова здружување и заклучоците до кои се дојдени. Ова несомнено е добра почетна основа за создавање и на други слични здружувања.

Откако завршија сите предавања, присуствував уште на еден дел, кој беше посветен на споделување искуство преку кратки излагања на Викимедијанци, што привлекуваше и прашања од страна на останатите присутни.

Бидејќи не беше предвидено ништо по завршувањето на програмата и имавме слободна вечер, се упативме на вечера, од каде што заедно со Милош и Габор продолживме и ноќта ја поминавме во добро познатиот Ирски паб.

6 август[уреди]

Павел Рихтер содговара на прашање поврзано со иницијативата за Википедија како светско културно наследство на УНЕСКО

На последниот ден од овогодинешната Викиманија бев интервјуиран за целите на годинешната програма за прибриање на донации преку поставување на плакати со слики и изјави од корисници низ целиот свет. Пред мене, истото го направи и Слободан. Инетрвјуто помина очекувано и прашањата беа како и што очекував, а се однесуваа на првиот глас кој го имам чуено за Википедија, моите први уредувања, како и причината поради кои имам решено да уредувам и понатаму. Интервјуто продолжи и со посериозни прашања во врска со идните развојни перспективи, како и моето емсто во тој развој. По завршувањето на интервјуто, присуствував на предавањето на Себастијан за развојот на Викимедија Германија и сите големи чекори кои ги имаат постигнато досега. Интересно е што Викимедија Германија издава свој тримесечен весник, преку кој ги објавува своите скорешни активности и проекти.

За време на ручекот, беше договорена и се одржа средба на присутни Викимедијанци од средна и источна Европа. Целта беше да се создаде здружување, налик на Иберокоп, које ќе овозможи тесна соработка меѓу заинтересираните. Беше одлучено и да се организира конференција со по двајца претставници од секоја земја од односниот регион, а интерес за организирање пројавија претставниците на Викимедија Чешка. Конференцијата беше закажана за почетокот на февруари 2012 година и би требало да се одржи во Прага.

Групна фотографија на присутните на Викиманија 2011

Следниот дел на кој присуствував се однсуваше на иницијативата за прогласување на Википедија за прво дигитално светско културно наследство на УНЕСКО. Сите од присутните ја подржаа иницијативата, освен еден кој имаше став дека не Википедија, туку базите на податоци на Интернет треба да бидат прогласени за прво дигитално светско културно наследство.

Последното обраќање на Викиманија го имаше основачот на Википедија, Џими Велс. Морам да признаам дека воопшто не сум импресиониран од неговото излагање, кое повеќе наликуваше на забава, отколку на сериозно обраќање.

Конференцијата заврши со групно фотографирање, по кое сите се упативме на плажа, каде што се одржа долгонајавуваната забава на плажа.

7 август[уреди]

Денот по завршувањето на Викиманија беше предвиден за туристичка прошетка, па така јас и Цобе се приклучивме на групата која го посети Ерусалим. Го разгледавме стариот дел од градот и по завршувањето на прошетката, веднаш се упативме на аеродромот Бен Гурион. Таму ја поминавме речиси целата ноќ, чекајќи го летот до Будимпешта. За споменување е фактот што контролните процедури на самиот аеродром се многу строги и траат дури 3 часа.

8 авуст[уреди]

Враќајќи се преку Будимпешта, во Скопје пристигнавме околу 14:40.