Записник од седницата на Собранието

Од Викимедија Македонија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

З А П И С Н И К

Од Второто годишно собрание на Викимедија Македонија, кое се одржа на 05 јуни 2013 година. Беа уредно поканети на лична електронска пошта сите 15 членови, со следниот:

Д Н Е В Е Н Р Е Д


1. Извештај за досегашната работа на Здружението (финансиска и за активностите)

2. Гласање `за` или `против` прифаќање на понудената оставка од страна на претседателот на Здружението, Димче Грозданоски.

3. Во случај оставката да се прифати или да се изгласа недоверба, избор на нов претседател на Здружението.

4. Дополнувања и измени на Статутот, во согласност со новите законски одредби.

5. Донесување план и програма за натамошните активности како и предлози на нови проекти (проект „НУБСК“, проект „Вики ги сака спомениците“,образовни проекти, конференција на Викимедија и др.)

6. Проширување на Здружението со нови членови

7. Разно

Двајца најавија отсуство: Бојан Манчев (болест) Василка Димитровска (обврски).

Присутни: Димче Грозданоски Милош Столиќ Слободан Јаќоски, Кирил Симеоновски Игор Димов Игор Кузмановски Снежана Штрковска

Собранието го водеше Снежана Штрковска.

Откако се утврди и се прифати Дневниот ред, Собранието започна со својата работа.



Точка 1: Извештај за досегашната работа на Здружението (финансиска и за активностите)

Збор зеде претседателот на Здружението, Димче Грозданоски, кој истакна дека редовно се надополнува интернет страницата на Здружението со тековните активности. За финансиите, рече дека при последната проверка на сметката на Викимедија Македонија (околу 01 јануари 2013), состојбата на сметката била над 80 илјади денари. Околу исплаќањето на заостанатите хонорари на тројца членови на Здружението за извршената работа на проектот Wiki.mk, Димче Грозданоски нагласи исплатата не е спорна.

Точка 2: Гласање `за` или `против` прифаќање на понудената оставка од страна на претседателот на Здружението, Димче Грозданоски.

На предлог на Кирил Симеоновски и Милош Столиќ, беше договорено секој да се изјасни најпрвин зошто го дава својот глас „за“ или „против“.

Димче Грозданоски: Ги образложи причините за својата оставка, и истакна дека голема причина е нивото на дискусијата на мејлинг листите, како и на Википедија, па затоа решил да ги замрзне своите права и обврски и да остави заедницата да одлучи натаму. Не коментира дали е сето ова во ред, но поднесува оставка. Истакна дека не чувствува дека работи лошо, односно дека неговата работа во Здружението е со најдобри намери, но не сака да работи на тој начин и со тој речник. Затоа и не ги исплатил парите во меѓувреме на свикувањето на Собранието, да не излезе дека со парите си купил гласови.

Снежана Штрковска: Викимедија Македонија е здружение на граѓани, кратко НВО, кое нуди огромно поле за работа и можности што не се искористени досега. Ние во Здружението засега, од нејзина гледна точка, користиме само 5% од можностите. Проблемот го гледа во раководството, кое, како што истакна таа, ги кочи работите, односно членовите кои знаат и сакаат да состават проекти и да аплицираат до фондации за платени проекти, се турнати на страна. Зборувајќи од свое име, истакна дека понудила проект за дигитализација на материјали од МАНУ, но потоа се повлекла, поради тоа што неисплаќањето на претходно сработениот проект го сфаќа како неодговорно однесување на раководството. Од таа причина, потребни се промени во Здружението, и гласа за прифаќање на оставката, како прв чекор кон промените.

Слободан Јаќоски: Не гледа засега можен кандидат за нов претседател, па затоа гласа против прифаќање на оставката на тековниот претседател. За него е несфатливо зошто се бараат промени, и истакна дека претседателот нема задни намери, и самиот Слободан има доверба во него. Димче Грозданоски и Кирил Симеоновски се единствените кои нешто прават во ова Здружение досега, и предлага комуникацијата да се одвива подобро. Се согласи дека не се сработени проекти, но се плаши дека ако се направат поголеми промени во Здружението, самото Здружение може да пропадне. На крајот истакна дека самиот раководел со прокет за кој не се барале донации и не бил платен, но кој даде резултати, и е во согласност со целите на Здружението.

Снежана Штрковска/ реплика на Слободан: Проектите што се осмислуваат може да се сработат сосема волонтерски, пример на МАНУ да се понуди дигитализирање на материјалите со месеци, без да се бараат пари од некаде, но кога веќе е НВО во прашање, кое ја има таа можност да аплицира до фондации, не гледа зошто тоа да не се користи, и при тоа да се става како успех. Направи сликовита споредба со авион кој се користи за возење по улици. Игор Кузмановски се надоврза на репликата велејќи дека не гледа причина зошто да не се бараат пари од фондации, на што Слободан Јаќоски одговори дека самиот не гледа дека е стопиран тој процес.

Милош Столиќ: Истакна дека кога го биравме претседателот, се согласивме да биде тоа формална функција, а другите членови да помагаат. Но за жал, истакна Милош, тоа не се оствари така, а сега еден човек се обвинува зошто немало проекти.

Димче Грозданоски/ реплика: Постојат чаптери на Викимедија кои се платени. Да беше платена оваа функција во Здружението, може да се бараат резултати од претседателот, но треба да се има на ум дека засега е волонтерска. Димче истакна и дека работи во границите на своите можности, а дека едукативната програма е успешна, и дека ако Здружението поднесе проект, ќе добие.

Слободан Јаќоски/ реплика: Смета дека нема доволно луѓе за да се спроведуваат платени проекти. А Снежана Штрковска нагласи дека членот што ќе предложи и осмисли проект, треба да е инволвиран до неговото завршување, а за останатите обврски, бидејќи ќе се платени, може да се ангажираат лица од страна, што воопшто не е спорно.

Кирил Симеоновски: Генерално се согласува со Милош, Слободан и Димче и со фактот дека нема платени проекти, но вината ја бара на многу места. Истакна дека вината не е само до претседателот, туку сите членови се виновни, и дека треба да размислиме како да се надминат проблемите. Посочи примери во кои фондацијата Викимедија дава пари и надомести. Работата на Википедија е волонтерска, но проектите се плаќаат: предвидени се средства во фондацијата за таква намена, дури и за вработување на луѓе кои активно би работеле. Натаму, Кирил истакна дека има фондации кои плаќаат надомест, а паричните средства имаат своја намена. Затоа предлага да се направи проценка на потребни средства, да се вклопи во годишната програма, и да се бара точна сума на пари. За оставката на претседателот, истакна дека имал навестување оти ќе дојде до ова, токму поради лошата комуникација. Нагласи дека Бојан Јанкуловски најавил од есен дека доаѓа да живее во Скопје, дека имал идеи како и од каде да се донесат пари за Здружението, и дека Бојан Јанкуловски би ја прифатил функцијата престедател на Здружението. Според Кирил, претседател на Здружението не треба да се бира според заслугата кој најмногу работи теренски. На крајот од своето излагање, Кирил изнесе предлог дека доколку се прифати оставката на Димче, да се прогласи за почесен претседател, и смета дека неблагодарно би било да е поинаку.

Милош Столиќ, Игор Кузмановски и Снежана Штрковска/ реплика со иста содржина: доколку не го почитувавме претседателот, ќе одевме директно на гласање „за“ или „против“ прифаќање на оставката, без да има дискусија.

Игор Кузмановски: Истакна дека е свесен оти Димче Грозданоски има најмногу сработено во време на основање на Здружението, активности околу регистрацијата, контакт со адвокати и слично. Но, очекувал повеќе да се ангажира со проекти откако Здружението е оформено. Се осврна на проектот со Метаморфозис, за кој рече дека не му се допаднало тоа што Викимедија Македонија била ангажирана како „подизведувач“ на туѓ проект. Инаку генерално сака и очекува од Здружението да аплицира за платени проекти, и не му се допаѓа дека ги нема. За оставката, се изјасни дека промена може да значи шанса да се повлечат работите во нов правец, истакнувајќи дека е за промена, со тоа што ако и од новото раководство нема задоволителни резултати, повторно може да се менува, без да се плашиме од промени.

Слободан Јаќоски/ реплика: Вели дека не се плаши од промени, туку само дека во моментов не гледа нов лик кој би ја презел работата со Здружението, немало предложен кандидат на мејлинг листата, а доколку некој има желба, да каже слободно, без притисок. Снежана Штрковска/ реплика: Смета дека мејлинг листата не е функционална, бидејќи повеќе служи како огласна табла, која не ја читаат сите. Таму нема вистинска комуникација, истакна таа, на што се надоврза Игор Кузмановски со своја реплика дека усно и писмено кажани зборови не се доживуваат исто. На мејлинг листата кој како сака ќе си го протолкува прочитаното, и рече дека и самиот понекогаш ја избегнува.

Кирил Симеоновски: Истакна дека од Димче Грозданоски е разочаран заради тоа што прави работи или склучува договори за кои Заедницата ја известил отпосле. Како пример го наведе предавањето на Филозофски факултет кое се одвивало пред неколку месеци, за кое ни потпретседателите не се известени, а реагирал и членот на мејлинг листата Новица, по што ја напуштил листата. Кирил укажа на пристапници на нови членови кои биле донесени на состанок на Извршен одбор, а Димче не ги прифатил, со образложение да се испратат по пошта. Постави прашање дали е легитимен сегашниот Извршен одбор, бидејќи според сегашниот Статут треба да има најмалку 5 члена. Една од забелешките на Кирил беше и темата: конфликт на интереси, а како пример посочи: Владата реализира проект со интернет клубови, за кој проект Кирил бил „за“ да се вклучи Викимедија Македонија во реализацијата, но на крај излегло дека не го реализира Викимедија Македонија, туку само Владата на РМ. Конфликтот на интереси Кирил го гледа во фактот што Димче Грозданоски одржал предавање во интернет клуб, и смета дека како претседател на Викимедија Македонија не треба да се вклучи во ваква активност.

Милош Столиќ/ реплика: Смета дека бидејќи Димче нема договор со Здружението за држење предавања, има право да го стори тоа, и посочи дека и самиот држел предавања на студенти за користење на Википедија, а не како член на Викимедија Македонија, како и тоа дека Кирил Симеоновски исто така држел предавања на Економски факултет. Истакна дека не е различно дали член или претседател држи предавања за Википедија. Милош постави прашања: Дали Викимедија Македонија има ексклузивно право да држи предавања за употреба на Википедија? Дали претседателот на Здружението смее да држи предавања само со одобрување од сите? Дали со предавањето Димче и наштетил на организацијата? А негов заклучок е дека не треба да се изедначуваат Википедија и Викимедија, и дека престиж и чест е да те поканат да држиш предавање.

Игор Кузмановски/ реплика: Смета дека треба да постои етички кодекс, според кој треба да се водиме што е коректно, а што не е.

Кирил Симеоновски/ реплика: Истакна дека не одрекува дека ако не е проект на Викимедија не смее да се држи предавање за Википедија, но смета дека претседателот не треба да го прави тоа, наведувајќи го како пример Отчетот на Владата на РМ, каде беа внесени активности на Викимедија. Јавноста може да каже дека претседателот на Викимедија Македонија работи за Влада.

Слободан Јаќоски и Игор Кузмановски/ реплика: Треба да се извести Здружението за вакви и слични други активности.

Снежана Штрковска/ реплика: Смета дека постојат активности поврзани со Влада во кои треба да се појави јавно претседател на Здружение.

Димче Грозданоски/ реплика: Смета дека не нанесол штета на Здружението, и дека пред да се вклучи во таа активност проценил дека прави добро за Здружението. Истакна дека и Кирил Симеоновски бил вклучен во таа активност, н осе откажал, дека се обратил до Слободан Јаќоски да одржи предавање, кој одбил од причина што немал време. Затоа се нафатил самиот да го одржи тоа предавање, кое е во рамките на проектот „Македонија на Википедија“. Истакна дека во Владата го води некој друг тој проект, и дека на „Селска чешма“ пишал за оваа активност.

Игор Димов: Смета дека предлогот за менување на претседателот е избрзана, и се плаши дека Здружението може да се распадне. Според него, со нов претседател не значи дека веднаш ќе тече „мед и млеко“ во Здружението.

На крајот од дискусијата по втората точка од Дневниот ред, Слободан Јаќоски заклучи дека проблемите во Здружението нема да се решат со оставка на претседателот, истакнувајќи дека проблемот не го гледа во раководството, туку во комуникацијата, иснеувајќи молба до Димче Грозданоски за подобра комуникација. До наредното Собрание, на кое би се дискутирало за евентуална кандидатура на нов претседател кој ќе предложи реална програма, да се премине на гласање по точка 2, предложи Слободан.

Кирил Симеоновски кажа дека постојат неколкумина членови на Здружението кои биле предложени за претседател на Здружението, и предложи да се намали мандатот на раководството.

Гласањето се одвиваше јавно, и со три гласа „против“ прифаќање на оставката, 2 гласа „за“ прифаќање на оставката и 1 глас воздржан, Собранието на здружението на граѓани Викимедија Македонија не ја прифати оставката на тековниот претседател Димче Грозданоски.


Точка 3 од Дневниот ред се прескокнува, од очигледни причини.

Точка 4: Дополнувања и измени на Статутот, во согласност со новите законски одредби.

Слободан Јаќоски зеде збор и кажа дека веќе постои работна верзија на новиот Статут. Се поведе дискусија по оваа точка за тоа дали работната верзија на Статутот и дискусиите за неа да тече на мејлинг листа (предлог на Слободан Јаќоски) или на интернет страницата на Здружението (предлог на Димче Грозданоски). Милош Столиќ предложи да се отвори фолдер за уредување, истакнувајќи дека не очекува преголеми промени. На крајот Собранието донесе одлука, за работата на новиот Статут и негово изготвување да го задолжи Слободан Јаќоски, кој се задолжува да контактира и со правно лице за потребите на Здружението а во врска со составување на новиот Статут.

Предлози за измени на статутот: -Димче Грозданоски предложи да се побара од фондацијата Викимедија рефундирање на средствата што треба да се платат во врска со составување на новиот Статут за адвокат, што беше поддржано од останатите присутни. Исто така предложи во изменетиот статут да се внесе корекција: дека претседателот на Здружението и претседател на ИО не е исто лице; мандат на членовите на ИО да е 2 години; на претседател на Здружението – 3 години. -Слободан Јаќоски кажа дека во новиот Статут ќе се внесе опцијата електронско гласање; дека надзорен одбор нема да биде задолжителен; Извршниот одбор ќе се состои од 5 души, најмногу 9. -Кирил Симеоновски и Снежана Штрковска предложија да се воведе функција Секретар на Здружението, со надлежности како заменик претседател, но овој предлог не беше прифатен, со образложение дека може со интерна Одлука да се воведе таа функција (предлог на Слободан Јаќоски), и не мора да стои во Статутот, а да го именува и разрешува ИО (предлог на Димче Грозданоски). -Да се укине функцијата потпретседател (предлог на Кирил Симеоновски).

Собранието на Викимедија Македонија по точка 4 од Дневниот ред ги донесе следниве одлуки:

1. Димче Грозданоски е разрешен од функцијата претседател на ИО, и не е член на ИО 2. Милош Столиќ е разрешен од функцијата член на Надзорен одбор 3. ИО се проширува со нови тројца членови: Милош Столиќ, Игор Кузмановски и Снежана Штрковска, кои заедно со досегашните членови Кирил Симеоновски и Слободан Јаќоски се членови на Извршниот одбор на здружението на граѓани Викимедија Македонија. Претседател на ИО ќе изберат меѓусебно на наредната седница на ИО.


Точка 5: Донесување план и програма за натамошните активности како и предлози на нови проекти (проект „НУБСК“, проект „Вики ги сака спомениците“,образовни проекти, конференција на Викимедија и др.)

Снежана Штрковска изнесе предлог да се задолжи ИО да ја има оваа обврска, на што Милош Столиќ укажа дека ИО треба да го достави предлогот, но да не се врши бирократизација. Слободан Јаќоски истакна дека ИО може да предложи програма, но дека Собранието треба да ја усвои, а дека претседателот треба да биде запознат, бидејќи тој е потписник на сметката на Здружението во банка, за да не дојде до одбивање на исплатата. Кирил Симеоновски предложи да се состави оперативен план за цела година, а за проектите посебен план, со тоа што ќе се избегне да се одржува Собрание постојано, за одобрување на секој проект посебно.

На крајот од дискусијата по оваа точка, Собранието донесе одлука: се задолжува Извршниот одбор да донесе програмски план, а во меѓувреме доколку излезат проекти кои не се предвидени со програмскиот план, ИО одлучува за нивно спроведување.


Точка 6 и 7: Проширување на Здружението со нови членови, и Разно

По овие точки на Дневниот ред се дискутираше на предлогот на Димче Грозданоски мејлинг листата на Викимедија да стане јавна, но не се прифати предлогот. За враќање на мејлинг листата на членови на Викимедија кои не се таму веќе, не се донесе заеднички став, со тоа што Кирил Симеоновски предложи да се известуваат лично членовите кои не се на мејлинг листата за работата и активностите на Здружението. Игор Димов, кој присуствуваше на целата седница на Собранието, на крајот поднесе барање да се повлече од членството во Викимедија Македонија, што Собранието му го прифати.