Програмски план за 2010
Здружението на граѓани Викимедија Македонија (во понатамошниот текст само Здружението) во рамките на својата работа ќе презема активности во насока на поддршка на создавање, собирање и умножување на слободни содржини на непрофитен начин: поддржување на идејата сите луѓе да имаат еднаков пристап до базите на знаење и до системите на образование преку разменување на искуства, комуникација со членовите на здружението и пошироката популација како и преку дистрибуција на печатен и друг материјал.
Здружението, со цел за ефикасно, ефективно и успешно извршување на сите активности поврзани со неговата дејност ја донесува оваа едногодишна Програма за работа која ги образложува видот и начинот на реализацијата на активностите во период од една година.
- Димче Грозданоски,
- Претседател на Викимедија Македонија
Активности на Здружението
[уреди]Здружението ќе организира активности кои ќе бидат директно насочени кон промоцијата и подршката на Викимедиините проекти. За таа цел Здружението:
- Ќе организира и учествува на конференции, семинари, јавни трибини, предавања, тркалезни маси, тренинзи и курсеви за прашања поврзани со целите на Здружението на кои ќе бидат повикувани релевантни претставници од различни сектори во државата;
- Ќе основа ограноци и организациони единици на Здружението.
- Ќе организира медиумски кампањи насочени кон пошироката јавност со цел размена на искуства,најдобри практики и промоција на Викимедиините проекти;
- Ќе изработува промотивен материјал (постери, флаери, брошури) кои ќе бидат дистрибуирани до членовите и пошироката поулација;
- Ќе соработува со релевантни преставниците од останатите општествени сектори во активности кои се од интерес за дејноста на Здружението ;
- Ќе дава подршка со вмрежување на правни и физички лица чие делување е поврзано со целите на Здружението;
- Ќе обезбедува широка размена на искуства и најдобри практики во користењето на Викисофтверот.
Обврски на Здружението
[уреди]- Здружението е непрофитабилна организација, вишокот на приходи што ќе се остварат преку проектните активности ќе се користат за проширување на дејноста на организацијата;
- Членовите на Здружението ќе бидат волонтери, освен оние Членови стручни лица за кои Извршниот одбор ќе одлучи дека треба да бидат платени;
- Работата на здружението ќе биде јавна;
- Здружението ќе соработува со други невладини организации од земјава и од странство;
- Ефективно ќе соработува со владините агенции, донатори и локалната самоуправа;
- Ќе го проширува своето Членство и едукација за успешно спроведување на планираните активности.
Извештај
[уреди]- ВИКИМЕДИЈА МАКЕДОНИЈА
- годишен извештај на извршниот одбор
- 2010
Здружението на граѓани Викимедија Македонија е локален огранок на Фондацијата Викимедија за Република Македонија. Здружението официјално беше признато како локален огранок на Фондацијата на 21 септември 2009 година, со одобрение од страна на Одборот на доверители на Викимедија Фондацијата. Викимедија Македонија е регистрирана како правно лице во Централниот регистар на Република Македонија на 1 февруари 2010 година. Во рамките на својата работа Викимедија Македонија презема активности во насока на поддршка на Википедија и останатите проекти на Фондацијата Викимедија, како и поддршка на создавањето, собирањето и умножувањето на слободните содржини на непрофитен начин.
Извршниот одбор го сочинуваат Димче Грозданоски, Слободан Јаќоски и Кирил Симеоновски. Кон крајот на 2009 година беше изгласана програма за работа на здружението, која ги потцртува активностите и обврските предвидени за 2010 година. Беа исполнети најголемиот дел од задачите поставени во програмата. Финансиската ситуација на здружението е стабилна.
СТАТУС НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА, ЧЛЕНСТВО, СТРУКТУРА
[уреди]По неколку месечно пролонгирање Викимедија Македонија е регистрирана како правно лице во Централниот регистар на Република Македонија на 1 февруари 2010 година. Со тоа здружението се официјализира и може да учествува во правниот промет во Република Македонија. Набавени се сите потребни материјали за основните потреби на здружението (печат, штембил), а отворена е и сметка во ПроКредит банка А.Д. Скопје, со што здружението може да раководи со финансиски средства.
Освен осумте основачи, во текот на 2010 година, на здружението му се приклучија уште три члена. Во текот на годината, остварени се пет меѓусебни неформални средби.
Здружението до крајот на 2010 година функционира со структурата утврдена за време на нејзиното основање. Консултациите во рамките на Извршниот одбор утврдија дека е потребно реогранизирање и му предложија на Собранието, во рамките на измените на статутот кои мора да се направат поради усогласување со новиот Закон за здруженија на граѓани и фондации, да ја разгледа можноста за воспоставување поефикасна организациона структура.
КОНФЕРЕНЦИИ, СЕМИНАРИ, ЈАВНИ ТРИБИНИ, ПРЕДАВАЊА, ТРКАЛЕЗНИ МАСИ
[уреди]Во текот на 2010 година, членови на Викимедија Македонија и нејзиниот извршен одбор присуствуваа и учествуваа на повеќе конференции, предавања и тркалезни маси.
На 19 мај 2010, повеќе членови на Викимедија Македонија присуствуваа на предавањето “Copyright vs. Community” (“Авторски права против заедницата”), одржано од Ричард Сталман во хотелот Холидеј Ин, Скопје. Таму се запознаа со овој истакнат поборник на слободната култура.
На 7 јуни 2010, Димче Грозданоски и Василка Димитровска земаа учество на првата работна средба за Националната политика за слободен софтвер, која се одржа во Скопје, пришто посебно беше истакната потребата од поттикнување на развојот на слободен софтвер во рамките на образованието.
Во периодот од 9 до 11 јули, благодарение на Фондацијата за одржливи информатички решенија Метаморфозис, за првпат на најголемиот собир на светската викизаедница – Викиманија, присуствуваше и претставник на Викимедија Македонија. Слободан Јаќоски присуствуваше на овој настан кој оваа година се одржа во Гдањск, Полска. Беа остварени повеќе средби со претставници од различните ограноци на Викимедија. Џими Велс, основачот на Википедија, лично се заинтересира за македонската викизаедница и некои македонски искуства беа прикажани на неговата видео-презентација, која се однесуваше на Википедиите на малите јазици. Јаќоски зеде учество и во друга презентација која се однесуваше на односот меѓу традиционалните медиуми и Википедија. Целосниот извештај од оваа конференција може да се прочита на веб-страната на Викимедија Македонија.
На 12 септември 2010, на D.I.Y. фестивалот – „Средства без цел, знаење без цена“, во скопската чаршија, кој се одржа во организација на задругата за креативна трансформација - Компресор, Слободан Јаќоски одржа презентација за македонската Викизаедница. Настанот, предвиден за последниот ден од фестивалот, беше доста посетен и присутните го изразија својот интерес преку голем број на прашања на теми поврзани со Википедија на македонски јазик.
На 23 ноември 2010, Кирил Симеоновски одржа предавање за Википедија пред студентите на Институтот за Информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Предавањето беше фокусирано на концептот за Википедија - слободно знаење, слободен софтвер, размена на информации, различни лиценци (содржина + слики), сродни проекти, како котира Викимедија Македонија и сл. Од 24-25 ноември, студентите имаа прилика попродлабочено да се запознаат со Википедија преку предавањата на Милош Столиќ.
На 1 декември 2010, Слободан Јаќоски учествуваше на тркалезната маса која се одржа во рамките на шестата по ред меѓународна конференција е-Општество.Мк на тема “е-Влада за зголемена ефикасност и транспарентност”. Настанот се одржа во хотелот Холидеј Ин во Скопје во организација на Фондацијата Метаморфозис. На тркалезната маса на тема “Мултисекторска соработка како клуч за успешно спроведување на е-влада”, се постави прашањето за нејасниот статус на авторските права на податоците објавени на веб-страните на јавниот сектор. Меѓу присутните се наоѓаше и Кирил Симеоновски.
На 3 декември 2010, во рамките на предметот непрофитен маркетинг менаџмент, студентите од отсекот маркетинг на Факултетот за економски науки при Европскиот Универзитет - Република Македонија, имаа прилика да го чујат предавањето за Википедија и Викимедија Македонија на Кирил Симеоновски и Слободан Јаќоски.
На 24 декември 2010, Снежана Штрковска присуствуваше на панел дискусијата "Ефектите од Викиликс", организирана од Центрарот за истражување и креирање политики, во клубот ГЕМ.
Може да се заклучи дека имајќи го во предвид капацитетот на човечки ресурси со кои располага здружението, релевантните конференции и тркалезни маси се релативно добро покриени. Здружението исто така започнува да држи предавања по сопствена иницијатива, но сеуште нема организирано настан во сопствена режија - подготовките за таков настан се во тек: прославата на 10 годишнината на Википедија на 15 септември 2011 година, за која извршниот одбор е во координација со светските настани по повод овој ден.
СОРАБОТКА СО ДРУГИ ОРГАНИЗАЦИИ
[уреди]Во текот на 2010 година, Викимедија Македонија оствари соработка со Фондацијата за одржливи информатички решенија Метаморфозис и интернет маркетинг агенцијата httpool. Благодарение на Фондацијата за одржливи информатички решенија Метаморфозис, за првпат на најголемиот собир на светската викизаедница – Викиманија, присуствуваше и претставник на Викимедија Македонија. Метаморфозис целосно го финансираше престојот на оваа конференција, кој се покажа како исклучително успешен.
Во последниот квартал на 2010, со Метаморфозис, исто така се договара проектот “wiki.mk”, кој опфаќа поставување на повеќе вики-портали непосредно достапни на локалните заедници. Овој проект ќе се реализира во соработка со Викимедија Македонија, која е задолжена за техничката реализација и теренските подготовки, како и со повеќе други невладини организации на локално ниво. Конкретно, до крајот на годината Викимедија Македонија ќе го изработи прирачникот и наставниот план за овој проект. Ова е прв поголем проект на Викимедија Македонија, кој ќе придонесе не само за ширење на вики-културата низ Република Македонија, туку ќе значи и позначаен финансиски прилив за здружението. Исто така, како и минатата година, Метаморфозис редовно покани претставници на Викимедија Македонија на овогодинешната конференција e-Society.mk насловена како “е-Влада за зголемена ефикасност и транспарентност”.
Во ноември и декември 2010 година, извршниот одбор оствари и контакт со интернет маркетинг агенцијата httpool Online Advertising, на нивна покана. Оваа компанија е заинтересирана за соработка со Викимедија Македонија на повеќе полиња. Викимедија Македонија е поканета да учествува со свои презентации на гостинските предавања кои httpool Online Advertising ги одржува на Економскиот Факултет – Скопје и Факултетот за туризам и менаџмент, а исто така здружението ќе учествува со свои текстови на веб-порталот за мали и средни претпријатија – seebiz.net, со чија уредувачка политика раководи httpool Online Advertising. Исто така, се разгледува можноста Викимедија Македонија да одржи практични обуки во училниците на httpool Online Advertising, и можноста за контекстуално интернет огласување.
Со новите измени на статутот, извршниот одбор предложува некои статутарни промени со кои соработките со организациите ќе може да добијат партнерски димензии.
МАРКЕТИНГ И ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ
[уреди]Годината изминува во знак на релативно слаб медиумски интерес за проектите на Фондацијата Викимедија. Позначаен настан е достигнувањето на 40.000 статии на Википедија на македонски јазик во мај, кое беше покриено од веб-страната it.com.mk. Исто така, треба да се споменат настапите на Димче Грозданоски и Слободан Јаќоски во емисијата “Саботерија” на Канал 103, во декември, и гостинскиот текст кој го најавува проектот "wiki.mk” на it.com.mk, исто така, во декември.
Во август 2010 година отворена е официјалната веб-страна и домен mk.wikimedia.org која ќе служи како централно место за добивање на информации за здружението. Исто така, поставен е и блог – wikimedia-mk.blogspot.com.
Кон крајот на 2010, основани се повеќе профили на Викимедија Македонија и Википедија на македонски јазик на социјалните медиуми: Facebook (официјална и страна на заедницата), Twitter, Flickr, итн. Со интегрирана примена на маркетингот на социјалните медиуми треба да се започне на почетокот на 2011, согласно со новата маркетинг програма на Викимедија Македонија.
Членови на Викимедија Македонија извршија целосен превод на сите материјали за настанот за прибирање на средства (fundraiser) за 2010 година. По повод 10 годишнината на Википедија создадена е посебна веб-страна на порталот за координирање на активностите, а локализирани на македонски јазик се и визуелните материјали. Во рамките на подготовките за централниот настан за прославата, контактирани се повеќе организации, договорено е местото на прославата, а се разгледува и можноста за набавка на промотивни материјали.
ФИНАНСИСКА СОСТОЈБА
[уреди]Финансиската состојба е стабилна. На жиро сметката во текот на годината беа уплатени 1000 денари од донации, а беа потрошени исто толку за одржување на сметката. Здружението сеуште нема аплицирано за грант или донација од ниедна фондација.
ГОДИШНО СОБРАНИЕ
[уреди]Согласно законот и статутот, здружението на граѓани Викимедија Македонија е обврзано еднаш годишно да одржи собрание. Првото годишно собрание на Викимедија Македонија ќе се одржи на 25. 12. 2010 во барот “Калдрма”, во скопската чаршија.
Скопје, 23. 12. 2010. Извештајот го изработил: Слободан Јаќоски
ИЗВРШЕН ОДБОР