Прејди на содржината

Соопштение за јавноста 03.05.2011.

Од Викимедија Македонија

Почитувани,

Во “Отчетот за работење на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 2006-2011” , во делот што се однесува на проектите кои оваа Влада ги спровела во рамките на информатичкото општество се наведува и проектот “Зголемување на македонските содржини на Википедија” (стр. 171). Иако го поздравуваме овој проект, по извесни реакции и недоумици во јавноста во врска со изнесените податоци, би сакале да укажеме на некои, се надеваме, ненамерни пропусти и недоречености.

Во моментот кога е потпишан меморандумот за овој проект на Министерството за информатичко општество, а тоа е крајот на 2009 година, Википедија на македонски јазик имаше околу 35.000, а не 16.000 статии. Овие статии се создадени од македонската вики-заедница, која ја сочинуваат повеќемина доброволци кои секојдневно не само што додаваат нови содржини, туку и ги подобруваат постоечките, како квантитативно, така и квалитативно. Можеме слободно да кажеме дека и по потпишувањето на меморандумот, оваа заедница која макотрпно и несебично се залага за развојот на Википедија на македонски јазик, е заслужна за најголемиот број на нови статии до денешниот датум (вкупно над 45.000). Помал дел од статиите се резултат на самоиницијативниот ангажман на повеќе професори и асистенти од државните и приватните високообразовни институции кои, во соработка со студентите, придонесувале за развојот на Википедија на македонски јазик и пред потпишувањето на меморандумот. Тешко може да се утврди до која мера потпишувањето на меморандумот влијаело врз ангажманот на овој и друг наставен универзитетски кадар, но секако, се надеваме дека во иднина, проектот на МИО, кој опфаќа повеќе државни и приватни институции, ќе биде успешен и ќе даде повеќе резултати.

На крајот, би сакале да потенцираме дека Википедија е проект со глобални димензии и претставува слободна енциклопедија која може да ја уредува секој, и во таа насока, како Викимедија Македонија, ги поддржуваме и храбруваме сите поединечни и институционални иницијативи за унапредување на слободното знаење.


Со почит,

Викимедија Македонија

03.05.2011


Надворешни врски: