Прејди на содржината

2012.07.05 Доделени дипломи на студентите учесници во проектот „Македонија на Википедија“

Од Викимедија Македонија
Наградени студенти од страна на министерството за образование и наука, учесници во проектот „Македонија на Википедија“.

2012.07.05. Доделени дипломи на студентите учесници во проектот „Македонија на Википедија“. Дипломите ги додели заменик министерот за образование и наука г-дин Сафет Незири, во присуство на ректорот на УЈИЕ, г-дин Замир Дика, деканот на ФИНКИ, г-дин Димитар Трајанов, деканот на ФСНТ, г-дин Беким Фетаји, проф. Катерина Здравкова од ФИНКИ, асистент Шптим Латифи од ФСНТ, други професори од двата факултета, претставници од министерството за образование и наука, претставници од Викимедија Македонија како и студентите од двата факултета.[1]

Доделувањето на наградите се направи во просториите на УЈИЕ во Скопје, настан во организација на ректорот на УЈИЕ - Замир Дика.

Реализацијата на проект „Македонија на Википедија“ ќе придонесе за зголемување на бројот на статии поврзани со Македонија на Википедија и зголемување на употребата на слободни содржини достапни на Интернет во наставниот процес во државните и приватните образовни институции во Македонија. Министерството за образование и наука се јавува како носител на проектот „Македонија на Википедија“.

Студентите во просек обработија по 3-4 квалитетни статии од областа на нивното студирање, односно направија стотина нови и квалитетни статии. Интересно е да се напомене дека студентите на ФСНТ своите статии ги работеа и на македонската и на албанската Википедија, што дава посебна димензија на проектот, бидејќи овозможува студентите од другите јазични заедници да придонесуваат на својот мајчин јазик.

Активностите на овие два факултета се добар модел како во наредниот период да се опфатат што е можно повеќе студенти од повеќе факултети во реализација на овој проект.

Денеска беа промовирани најдобрите студенти, по оценка на нивните ментори, и комисијата составена од деканите на двата факултета и претставник на работната група на министерството за образование и наука формирана за спроведување на проектот „Македонија на Википедија“. На студентите заменик министерот додели дипломи за прва, втора и трета награда. Следниве студенти се наградени:

  1. Бисера Дугалиќ, студент на ФИНКИ, со корисничко име на Википедија Biserce, прва награда.
  2. Љиридон Селмани, студент на ФСНТ, со корисничко име на Википедија Liridon, втора награда.
  3. Дрини Аљиу, студент на ФСНТ, со корисничко име на Википедија DrinAL, трета награда.

Процесот на наградување е важна компонента на проектот, со што се оддава признание на вредните студенти за нивната работа. Наградата ќе биде валидна, како еден од потребните услови, при конкурирање на студентите за доделување на студентски стипендии кои ги доделува министерството за образование и наука.

Во иднина проектот треба да се прошири на останатите факултети од сите универзитети, средните училишта а подоцна и основните. Искуствата од реализацијата на проектот на овие два факултета во иднина ќе ги имплементираме на останатите факултети.

Референци

[уреди]
  1. Best Students Prizes for the Enrichment of Wikipedia pages were Awarded seeu.edu.mk

архива на вести ...