2013.01.25 Интервју за Википедија во Антена
Интервју на претседателот на Викимедија Македонија, Димче Грозданоски, за неделното издание на додатокот „Антена“ на дневниот весник „Дневник“.
1. Можеш ли да ми дадеш нешто повеќе податоци за Википедија на македонски јазик. Колку статии досега се објавени на македонски јазик на Википедија, кога почнавте со работа, колку луѓе работите активно на оваа енциклопедија, имате ли информација колку е читана, кога беше објавен и кој е првиот натпис на Википедија на македонски јазик ...?
- Википедија на македонски јазик денес брои нешто повеќе од 67 000 статии. До сега има направено околу 3 милиони уредувања врз статиите и останатите страници на Википедија.
- До сега регистрирани се над 40 000 индивидуални кориснички сметки, од кои 17 администратори, 86 ботови, 3 бирократи. Првиот корисник на македонската верзија на википедија е регистриран на 25 јануари 2004 година.
- Првите уредувања се направени далечната 2003 година во почетокот на месец септември, кога е и создадена првобитната главна страница на македонската википедија. Првите посериозни уредувања се направени во текот на 2004 година, кога се работело на статиите за „Македонија“, “Македонска граматика“, „Информатика“, „GNU“, „Историја“, „Киро Глигоров“, „Борис Трајковски“, „Гоце Смилевски“, ...
- Од првите уредувања па до крајот на 2012 година на википедија на македонски јазик уредувале околу 1100 уредувачи, од кои десетина од нив имаат направено над 10.000 уредувања а тројца од нив фантастични над 50.000 уредувања. Во последните години во просек на википедија на македонски јазик месечно придонесуваат околу 200 активни уредувачи.
- Википедија е една од најпопуларните веб страни на светско ниво, веќе подолго време меѓу првите десет најпосетувани. Нешто слична е ситуацијата и на ниво на Македонија. Некоја детална анализа на посетеноста на википедија на македонски јазик не сме правеле, но за пример ќе ви ги дадам бројките за 1 јануари 2013 година, ден кога повеќето одмараат после бурниот дочек на Новата Година, според тие бројки Википедија на македонски јазик тој ден е посетена околу 170.000 пати, од кои околу 20 000 пати од мобилни уреди а секако треба да се спомнат и посетите на останатите проекти на викимедија на македонски јазик, викикниги со 1200 посети, викиречник со 2000 посети и викиизвор со 1600 посети. Популарноста на википедија е навистина голема ако се додаде интересот и за другите јазични изданија на википедија, пред се за популацијата од нашето поднебје изданијата на википедија на англиски јазик, албански, српски, хрватски, бугарски и сл.
2. Како дојде до формирањето на Викимедија Македонија?
- Заедничката работата на проектот околу уредувањето на статиите на википедија ја роди желбата некои од активните уредувачи да се среќаваат на т.н. вики средби и во живо. Првата вики средба е одржана 2006 година. А идејата за формирање на Викимедија Македонија дојде токму од разговорите водени на вики средбите, на страниците на википедија и на мејлинг листите во текот на 2009 година. Формиран е иницијативен одбор, направени се неопходните подготовки, поднесено е барање за признавање до Викимедија Фондацијата. Во почетокот на месец септември 2009 година со одлука на Управниот одборот на доверители на Фондацијата а по препорака на Комитетот за формирање на локални ограноци, Викимедија Македонија е призната како огранок на Фондацијата за територијата на Македонија. После признавањето постоеше мала пауза но во последните години организацијата се буди и започнува со препознатливи активности.
3. Каква е процедурата за формирање на еден ваков огранок на фондацијата „Википедија“ во одредена земја? Кои критериуми треба да се исполнат?
- Основен критериуми е да постои активна и стабилна вики-заедница која стои зад некој проект на Фондацијата, да се прифатат принципите на делување на Фондацијата, во државата каде се регистрира локалната организација да не делува веќе признат огранок како и да се изврши формална регистрација на локалниот огранок пред надлежните државни органи.
4. Можеш ли да ми појасниш кој е принципот за да се објави една статија на Википедија? Треба ли да се помине некоја кратка обука или е доволно едноставно човек да има само компјутер пред себе за да го направи?
- Многу е едноставно. Најважно е да се има желба слободно да се сподели знаењето. Може секој кој има пристап до Википедија преку Интернет на едноставен начин да започне да пишува нова статија или да врши поправки на веќе постоечка. Се разбира треба да се имаат предвид основните принципи врз кои почива википедија: енциклопедиски стил на пишување, застапување на неутралната гледна точка, пренесување на слободни содржини во смисла на авторските права, културна комуникација со останатите уредувачи и најважното правило од сите - бидете хабри, одважни и истрајни во акциите кои ги преземате на википедија.
- Со постојана активност на википедија се стекнуваат дополнителни вештини и знаења кои еден почетник можат да го направат почитуван и вреден член на вики заедницата чии статии со задоволство се читаат и од кого новите уредувачи бараат совети за уредување.
- За оние кои чуствуваат потреба од обука, слободно можат да се обратат на активните википедијанци за помош. За заинтересирани групи, доброволците од Викимедија Македонија се подготвени да одржат и обуки за основните техники на уредување а секако и обуки за понапредно уредување и користење на википедија.
5. Еден од најголемите проблеми на „Википедија“ се неточните информации. Колку Википедија на македонски се соочува со ваков тип на ситуации и може ли да споменете некои од лажните информации што сте ги сретнале досега?
- Википедија е on-line енциклопедија која постојано се менува и подобрува. Тоа е најголемата предност на википедија. Во оној момент кога ќе се забележат неточни информации постои можност веднаш истите да се исправат, не мора да се чека на следното издание за грешките да се надминат. Исправките може да ги направи секој кој ги има воочено или да побара некој поискусен и со повеќе знаење да ги поправи. Во крајна инстанца неточните информации брзо се бришат.
- Постојат истражувања кои покажале дека Википедија не заостанува по квалитет зад другите водечки енциклопедии, како што е например Енциклопедија Британика, а во многу случаи е и супериорна.
6. Вие сте здружение кое што функционира на ентузијазам и без финансиска надокнада. Што е она што најмногу ве мотивира да продолжите понатаму?
- Нашата визија и мисија е да го собереме целокупното човечко знаење на едно место и да го направиме достапно и слободно за сите, на македонски јазик. Тоа корисниците на википедија знаат да го ценат и во рамките на своите можности не подржуваат во намерата да ја оствариме нашата мисија. Викимедија Фондацијата секоја година прибира средства од доброволни донации ширум светот. Викимедија Македонија е ентитет кој може да користи средства од Фондацијата за остварување на своите програмски активности.
- Викимедија Македонија располага со сопствена банкарска сметка на која секој заинтересиран доколку сака финансиски да ги подржи нашите активности може да донира директно средства. Со тоа ќе ни помогне полесно да ги оствариме нашите програмски активности кои имаат за цел остварување на нашата мисија.
7. Колку што ми текнува Министерството за информатичко општество иницираше Проект за зголемување на бројот на македонски содржини на Википедија. Што се случи со овој проект и имаше ли реален ефект врз количеството на статии на македонски јазик на интернет-енциклопедијата?
- Да, Министерството за информатичко општество иницираше проект за зголемување на македонски содржини на Википедија. Истиот тој проект последните години е во надлежност на Министерството за образование и наука. Тоа се убави иницијативи кои укажуваат на тоа дека значително се менува перцепцијата за важноста на застапеноста на содржини поврзани со Македонија на Википедија, на било кое јазично издание. За нас како Викимедија Македонија е важно што овие иницијативи доаѓаат од највисоко ниво и истите ги подржуваме и помагаме да заживеат. Бројот на статии е само еден од индикаторите за мерливост на успешноста на овие иницијативи, но постојат и други индикатори за кои сметам дека се мошне важни а се занемаруваат, како например зголемено користење на википедија како извор на информации за пошироката јавност, зголемено користење на википедија во наставата во нашите училишта на сите нивоа, зголемен интерес на медиумите за тоа што се случува со википедија, зголемена подршка на проектите на викимедија и активистите на викимедија движењето и сл.
8. Според вас какво е значењето на Википедија на македонски јазик во македонскиот интернет простор?
- Со моментална бројка од над 67000 статии со енциклопедиска содржина која постојано се зголемува со стапка од десетина илјади нови статии годишно, статии кои се слободно достапни за користење, статии кои постојано се подобруваат и прошируваат, Википедија е од големо значање во македонскиот интернет простор, па и пошироко за македонското општество. Тоа значење од ден на ден ќе се зголемува. Википедија на македонски јазик како on-line енциклопедија едноставно нема ривал со кој може да се натпреварува во македонскиот интернет простор. Жал ми е што кажувам но мислам дека уште долго нема да се појави достоен ривал на сцената ако и воопшто се појави.
9. Покрај Википедија, кои се останатите активности и проекти на „Викимедија Македонија“?
- На почетокот кога зборував за статистиките на посетеност спомнав некои проекти, како викикниги, викизвор и викиречник. Овде ќе продолжам со останатите актуелни проекти на викимедија: википатување, заедничка ризница, викивести, викивидови, викицитати, викиуниверзитет, википодаток и секако проектот за развој на MediaWiki софтверот кој служи за управување на содржините на сите овие викимедија проекти. Викимедија Македонија со своето делување се труди на сите овие проекти да им додаде и македонски предзнак, резултатите се видливи.
- Карактеристични проектни активности на Викимедија Македонија преку кои сакаме да ги промовираме проектите на викимедија во Македонија се активностите во рамките на проектот „Википедија на вашиот факултет“. Пред студентите на факултетите заинтересирани за соработка држиме презентации каде ги претставуваме проектите на викимедија, држиме предавања за википедија и викидвижењето како и практични работилници каде студентите чекор по чекор учат како да започнат со уредување на википедија. Подоцна ги организираме во т.н. википроекти околу кои се фокусираат на одредена тема, најчесто во областа на нивното подрачје на студирање. До сега сме имале активности од овој тип на ПМФ, ФИНКИ, Економски факултет, Филозофски и Филолошки факултет, и други. Би сакал посебно да ја истакнам подршката која ја имаме од Универзитетот на југоисточна Европа од Тетово. Имаме најава за воспоставување на соработка со факултетите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Посебно е драга соработката со Микросам академијата од Прилеп.
- Од почетокот на 2013 година ќе се потрудиме да ја прошириме нашата активност и кон средните училишта. Овие активности ќе бидат спроведувани во рамките на нашиот проект „Википедија во вашето училиште“. Еве ја користам приликата да ги поканам сите училишта, професори и ученици кои се заинтересирани за користење на википедија, слободно да се јават кај нас, подготвени сме да им помогнеме да ги направат своите први чекори.
- Викимедија Македонија од нејзиното основање со свои претставници, е редовен учесник на Конференцијата на локални ограноци, на Викиманија конференцијата, на Финансиската конференција во Париз, на Конференцијата на локални ограноци од централна и источна Европа, на настани во рамките на GLAM (Gallery, Library, Archives, Museums) и WLM (Wiki Loves Monuments) иницијативите. Викимедија Македонија е потенцијален кандидат за член во асоцијацијата на локални ограноци во формирање - WCA (Wikimedia Chapter Association).
- Ние како организација сме отворени за соработка, сите доброволци со свои идеи и иницијативи се добредојдени кај нас. Ги повикувам сите заинтересирани да не контактираат и секако да го започнат своето прво уредување на википедија.
Димче секако доколку сметаш дека треба нешто да го знаат читателите, а јас не те прашав, слободно дополни ме
- Има уште многу други активности и проекти кои во Викимедија Македонија ги разработуваме, но да оставиме истите да започнат со реализација по што се надевам дека повторно ќе имаме прилика да се претставиме пред вашите читатели.